ИМАМЕ ОГЛАС ЗА ДОПОЛНИТЕЛЕН КАДАР, НИКОЈ НЕ Е ИЗБРКАН ОД РАБОТА, ВЕЛАТ ОД ИНФЕКТИВНА КЛИНИКА

    ИМАМЕ ОГЛАС ЗА ДОПОЛНИТЕЛЕН КАДАР, НИКОЈ НЕ Е ИЗБРКАН ОД РАБОТА, ВЕЛАТ ОД ИНФЕКТИВНА КЛИНИКАМинистерството за здравство вели дека на сите вработени кои се на Клиниката договорите за работа им се валидни. (Фото: К. Попов)

    Нема непродолжени договори за медицинскиот персонал на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, велат од Министерството за здравство за САКАМДАКАЖАМ.МК. На социјалните мрежи се шири информација дека на 40 медицински сестри од Инфективната клиника не им се продолжени договорите и дека ќе останат на улица без социјално осигурување.

    „На сите вработени кои се на Клиниката договорите им се валидни, а во моментов има оглас кој е објавен за вработување на дополнителен кадар“, ни рекоа од кабинетот на министерот за здравство Венко Филипче.

    Директорката на Инфективна клиника, д-р Милена Стевановиќ на 6 ноември, за екипираноста на болниците со медицински кадар, рече дека во ваква криза секогаш се добредојдени плус две раце.

    „Никогаш нема да бидеме задоволни од бројот на персонал во ваква криза. Секогаш се добредојдени плус две раце. Уморни сме, ни требаат дополнителни луѓе, секогаш ќе бидат добредојдени. Недостатокот на медицински кадар како во цел свет така и кај нас и во криза и вонкриза бил проблем. Ние максимално се трудиме, секој еден од нас кој работи во болниците да го дадеме својот максимум независно на која позиција работиме. Од исклучително големо значење е хигиеничарот во нашата клиника, транспортерот и болничарот, медицинските сестри, како и одделенските сестри кои го организираат процесот до секој еден од најмлад до најстар лекар кој го има своја функција во работењето и навистина го дава својот максимум во својата работа“, изјави Стевановиќ.

    На крајот на септември, три  медицински сестри од Инфективната клиника побараа отказно решение и користење на заостанатите денови од одмор. Тие тогаш се сретнаа со министерот Филипче и тој кажа дека разговарале да размислат околу одлуката и по одморот кој го побарале повторно да се сретнат и да разговараат, со надеж дека ќе ја сменат одлуката и ќе останат на Инфективната клиника. Но, тие не се премислиле.

    „На нашиот иницијален состанок тврдеа дека нема да заминат во приватна институција. Потоа искомунициравме уште еднаш и кажаа дека сепак планираат да ја напуштат клиниката и поради тоа менаџментот на клиниката одлучи други медицински сестри да ги преземат нивните функции“, рече Филипче на 10 октомври.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира