ИНДИСКИОТ СОЈ ПОЛЕСНО СЕ ПРЕНЕСУВА ОД БРИТАНСКИОТ И ДВАПАТИ Е ПОГОЛЕМ РИЗИКОТ ОД ХОСПИТАЛИЗАЦИЈА

    ИНДИСКИОТ СОЈ ПОЛЕСНО СЕ ПРЕНЕСУВА ОД БРИТАНСКИОТ И ДВАПАТИ Е ПОГОЛЕМ РИЗИКОТ ОД ХОСПИТАЛИЗАЦИЈАВакцинирањето останува најдобра заштита од индискиот сој. Две дози од вакцината на „АстраЗенека“ имаат 92 отсто ефикасност во спречување на хоспитализација од овој сој. (Фото: СДК.МК)

    Делта сојот на ковид-19, познат и како Б.1.617.2, првпат беше откриен во Индија во декември 2020. Според Светската здравствена организација (СЗО), досега е детектиран во над 80 земји, вклучувајќи ја и Македонија, каде што вчера министерот за здравство Венко Филипче го потврди вториот случај.

    СЗО почна да ја користи грчката азбука за да ги именува новите соеви на ковид-19 за да се избегне обвинување на одредени земји за ширењето на вирусот. Делта сојот е познат и како индиски сој, а британскиот сој сега се вика алфа сој.

    Делта сојот е многу пренослив и во Британија веќе го надмина алфа сојот според бројот на случаи. Делта сојот се смета дека е од 40 до 90 отсто позаразен од претходните соеви на ковид-19, вклучувајќи го и алфа сојот.

    Истражувачите сè уште не се сигурни зошто делта сојот е толку многу полесно пренослив. Некои сметаат дека тоа се должи на промени на протеинот на сојот кој му овозможува полесно да навлегува во човечките клетки. Друга студија сугерира дека мутација на делта сојот му помага да биде понезабележителен меѓу човечите клетки откако ќе навлезе. Ако така лесно се вклопува меѓу клетките, може да инфицира повеќе клетки и да го совлада имуниот систем.

    Исто така, делта сојот изгледа дека ги погодува помладите повеќе. Студија во Британија покажа дека деца и возрасни под 50 години имаат 2,5 повеќе шанси да се заразат во однос на претходните соеви.

    Симптомите изгледа дека се посериозни. Инфицираните имаат повеќе шанси да завршат во болница со делта сојот. Студии покажуваат дека има речиси двоен ризик од хоспитализацијата, споредено со алфа сојот.

    Во Кина, лекарите велат дека пациентите со делта сојот имаат посериозна клинича слика од оние од почетокот на пандемијата и нивната состојба се влошува многу побрзо.

    Според податоците од студијата Зои за симптоми, која се спроведува преку мобилна апликација во Британија, изгледа дека и симптомите се променети со делта сојот. Заболените најчесто пријавувале симптоми како главоболка, болка во грлото, течење од носот и треска. Кашлицата e сè помалку пристуна, а губењето на мирисот веќе не е во десетте најчести симптоми. Истражувачите се загрижени дека луѓето можат да ги помешаат овие симптоми со тешка форма на настинка и да не се изолираат, со што би придонеле за ширење на делта сојот.

    Вакцинирањето останува најдобра заштита од делта сојот. Првичните истражувања покажаа дека две дози вакцината на „Фајзер“ штитат 79 отсто од зараза со делта сојот, а 88 отсто од симптоми ако дојде до инфицирање. Две дози од вакцината на „АстраЗенека“ имаат 92 отсто ефикасност во спречување на хоспитализација од делта сојот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира