ИНСПЕКЦИИТЕ ДОЗВОЛИЈА ПУШЕЊЕ И НЕИЗДАВАЊЕ ФИСКАЛНИ СМЕТКИ ВО КАФАНИТЕ ВО ПРАЗНИЧНАТА ЕУФОРИЈА

    ИНСПЕКЦИИТЕ ДОЗВОЛИЈА ПУШЕЊЕ И НЕИЗДАВАЊЕ ФИСКАЛНИ СМЕТКИ ВО КАФАНИТЕ ВО ПРАЗНИЧНАТА ЕУФОРИЈАИако изгледаше дека во празничната еуфорија низ кафеаните владее анархија поради неиздавање фискални сметки и масовно пушење во затворен простор, властите велат дека институциите си ја вршеле работата. - Од новогодишната прослава на сквер Јадран во Скопје (Фото:Општина Центар)

    Низ кафулињата и рестораните низ Скопје се пуши и не се издаваат фискални сметки.

    Изминатите две-три недели додека траеја новогодишните прослави во угостителските објекти Законот за пушење ретко каде се почитуваше, ниту пак угостителите редовно издаваа фискални сметки.

    Според важечкиот закон, пушењето е дозволено на терасите само ако се отворени од три страни. Но, главнината од кафеаните и кафулињата го кршат законот така што со најлони ги затвораат терасите од сите страни и таму се пуши. Но, изминативе недели освен во најлонските тераси се пушеше и во затворените објекти на кафулињата, рестораните и дискотеките.

    Пазарниот инспекторат уште нема директор, а вработените два месеци немаат земено плата и нема кој да спроведе акција за контрола на објектите.

    Иако изгледаше дека во празничната еуфорија низ кафеаните владее анархија, властите велат дека институциите си ја вршеле работата.

    Од Владата велат дека и покрај тоа што Пазарната инспекција нема директор, инспекторите редовно си ја извршуваат работата. Не кажаа дали и колку објекти биле казнети поради непочитување на законот за забрана на пушењето.

    „Назначувањето на новиот директор е предвидено за некоја од првите владини седници во 2018 година со што вработените ќе ги добијат веднаш заостанатите плати. Сите обврски предвидени со позитивната законска регулатива Државниот пазарен инспекторат ги извршува редовно и без пречки“, вели Миле Бошњаковски, портпарол на Владата.

    Ниту Управата за јавни приходи не вршеше контроли по угостителските објекти за издавање фискални сметки. Од таму не добивме одговор колку објекти деновиве биле контролирани и колку казни се изречени.

    Во јули, директорката Сања Лукаревска најави борба против неплаќачите на данок.

    „Неплаќањето на данок е недопустливо, профитирање на штета на државната каса. Во овој краток период од спроведениот мониторинг утврдени се сериозни аномалии и неправилности особено во услужниот сектор. Прикривање на реално остварениот промет е недозволиво, посебно за реномирани угостителски објекти во строгиот центар на Скопје. Да им порачам на сите даночни обврзници дека УЈП ќе делува превентивно, но и праведно во собирање на данокот дури и во случаи кога тоа некој не сака да го направи“, рече тогаш директорката Лукаревска.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира