ИНТЕГРАЦИЈАТА НА ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ ЗАГЛАВЕНА ВО БАРИЕРИТЕ ВО ЗДРАВСТВОТО, ОБРАЗОВАНИЕТО И СОЦИЈАЛАТА, ПОКАЖА ИСТРАЖУВАЊЕТО НА „СИНАТА ПТИЦА“

    ИНТЕГРАЦИЈАТА НА ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ ЗАГЛАВЕНА ВО БАРИЕРИТЕ ВО ЗДРАВСТВОТО, ОБРАЗОВАНИЕТО И СОЦИЈАЛАТА, ПОКАЖА ИСТРАЖУВАЊЕТО НА „СИНАТА ПТИЦА“Од изложбата на инклузивниот детски фестивал „Креираме заедно“ во организација на здружението за поддршка на деца и млади со различности „Сината птица“ и Скопје филм фестивал, поддржан од УНИЦЕФ - (фото: СДК.МК)

    Лицата со попреченост не ја добиваат потребната социјална и здравствена заштита, ниту пак образовниот процес е соодветно прилагоден на нивните потреби. Ова го покажа истражувањето на здружението за поддршка на деца и млади со различности „Сината птица“ од Скопје, кое лани есента го спроведе во општините Берово, Боговиње и Охрид.

    Истражувањето е спроведено како дел од проектот „Застапуваме, зајакнуваме, се поврзуваме“, поддржан од „Швајцарската агенција за развој и соработка“ преку програмата „Цивика мобилитас“.

    Примерокот за истражување го сочинуваат локалните самоуправи од овие три општини, три меѓуопштински центри за социјална работа, еден дневен центар за лица со интелектуална или физичка попреченост, пет здравствени установи, 12 основни училишта и едно училиште за средно образование, една детска градинка и седум граѓански организации.

    „Податоците од ова истражување укажуваат дека постоечкиот систем сè уште ги турка сите проблеми на лицата со попреченост на централно ниво и дека постои недостиг од политики и структури на локално ниво, кои имаат увид во социјалните, здравствените или во образовните проблеми и тешкотии, според кои би се изготвувале решенија согласно локалните потреби“, велат од „Сината птица“.

    Истражувањето покажало дека социјалните услуги што го добиваат лицата со попреченост главно се сведуваат на парични трансфери, а во помалите општини состојбата е полоша, бидејќи нема дневни центри. Родителите на лицата со попреченост често не се информирани за правата и бенефициите што можат да ги користат.

    „Загрижува фактот што биолошките и згрижувачките семејства не се во иста положба во правата на парична помош. Згрижувачот, покрај надоместоците за згрижување на лицата со попреченост, има право и на парична помош во висина од 8.000 денари и право на пензија, за разлика од биолошките семејства, кои немаат таква поддршка од државата. Недоволната поддршка ги поттикнува биолошките семејства да ги сместуваат лицата со попреченост во институции“, велат од „Сината птица“.

    Родител на дете со церебрална парализа од Боговиње сведочи дека добиваат детски додаток од 4.300 денари, кој не е доволен да се покријат трошоците само за лекови.

    Поради физичките бариери во здравствените установи лицата со попреченост често не можат да го остварат правото на здравствена заштита, а здравствените работници во помалите места често без да им ја пружат потребната грижа ги препраќаат во болниците во поголемите градови. Истражувањето покажало дека голема пречка е незнаењето на лекарите и медицинскиот персонал како да комуницираат и да интервенираат кај лицата со попреченост.

    „Имав итен случај со брат ми и бевме на ургентен. Докторката многу зборуваше, ама ништо не ја разбрав. Побаравме да напише, ама и тоа не помогна – имаше нечитлив ракопис. На крај си пишувавме на телефон за да се разбереме. Би ни помогнало ако се потрудат докторите да ни напишат на телефон, компјутер… Знаеме дека со закон следува преведувач, ама не знаеме кому да се обратиме за да го добиеме“, вели глувонемо лице од Охрид.

    За лицата со попреченост вклучувањето во образованието често е проблем, бидејќи наставниците не се доволно подготвени да работат со вакви деца, а недостигаат и специјални кадри во училиштата кои ќе можат да работат со нив.

    „Девојчето одеше на училиште, но веќе 4-5 месеци не оди. Седмо одделение е. Наставничката не може да се разбере со неа. Работи со неа по иста програма како со сите други деца и девојчето не може да постигне. Таа не може ни да доседи на обично столче. Сè уште има проблеми со читањето и со пишувањето и се нервира поради тоа. Другите деца не ја прифаќаат добро. Во стручниот тим на училиштето нема ниту дефектолог, ниту психолог“, вели родител на дете со церебрална парализа од Боговиње.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира