Преговорите на политичките партии потписнички на Пржинскиот договор денеска продолжуваат во Клубот на пратеници.
Претставниците на четирите партии ќе се обидат да ги решат единствените преостанати спорни прашања – ингеренциите на министерот за внатрешни работи во преодната влада што треба да ги организира изборите и во кој момент по изборите тој треба да отстапи за кои американскиот амбасадор Џес Бејли вчера рече дека постои „интересна идеја“.
Вчера преговорите се водеа во резиденцијата на американскиот амбасадор на Водно. По завршувањето на состанокот претставниците на партиите не дадоа никакви изјави, а домаќинот рече дека се надева на договор до крајот на неделава.
„Не можам да ви соопштам дека постигнавме договор, но може да ви кажам дека имавме интересна нова идеја на маса“, изјави амбасадорот Бејли и потсети на неговата изјава од минатиот петок дека „овој договор е многу важен за земјата, за вашите пријатели, за Европската Унија и за САД и ние сакаме да ги дадеме сите можности за да бидеме сигурни дека ќе го најдеме патот кон напредокот“.
И помошничката државен секретар на САД Викторија Нуланд минатиот вторник во Скопје рече дека почувствувала оти кај политичките лидери има политичка волја да се договорат и замина охрабрена дека договор ќе има многу брзо.