„ИНТЕРМЕЦО“ ДОБИ КАЗНА ОД 7 ИЛЈАДИ ЕВРА И ПЛОМБА ОД 10 ДЕНА ЗА ЖУРКАТА ВО ВТОРНИКОТ

    „ИНТЕРМЕЦО“ ДОБИ КАЗНА ОД 7 ИЛЈАДИ ЕВРА И ПЛОМБА ОД 10 ДЕНА ЗА ЖУРКАТА ВО ВТОРНИКОТГостите имале сертификати за вакцинација, но проблемот настанал кога според бројот на продадени карти локалот се преполнил со гости и на тој начин не се почитувале протоколите. (Фото: СДК.МК)

    Кафулето „Интермецо“ ќе биде затворено 10 дена, а вкупната казна за правно и физичко лице која ја доби е 7 илјади евра, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК директорката на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) Анета Симеска-Димоска. Правното лице е казнето со 5.500 евра, а одговорното со 1.500 евра.

    Инспекторите на 7 септември го затворија кафулето „Интермецо“ во скопската населба Капиштец, поради непочитување на протоколите на Владата за заштита од ковид-19. Во кафулето вечерта имаше журка со светски познатиот диџеј Роџер Санчез, која десетина дена беше најавувана како спектакуларна. Во координираната акција на Општина Центар, Министерството за внатрешни работи и Државниот пазарен инспекторат било утврдено дека во локалот после 22 часот се направила голема гужва односно не се почитувале препораките, поради што журката е прекината и кафулето затворено.

    „Максималната казна е 30 дена, но инспекторот одлучи да биде 10, со верување дека ќе се постигне целта. Одговорните лица рекоа дека ќе ги откажат најавените настапи за претстојниот период. Ако и првиот ден после отворањето наидеме на прекршоци, не постои пречка пак да бидат казнети“, вели директорката Симеска-Димоска.

    Ова не е првпат кафулето „Интермецо“ да биде затворено. Лани во октомври, доби забрана за работа од 30 дена поради пуштање гласна музика, но сопствениците си ја тргнаа пломбата и уште наредниот ден продолжија да работат. Потоа од Општина Центар поднесоа кривична пријава, а Обвинителството предложи казна од 5.000 евра за тргање на пломбата. Во јули, Општината повторно го казни „Интермецо“ за пуштање гласна музика, но џабе, во локалот секојдневно се одржуваат журки и концерти со гласна музика.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира