Историчарот Ванчо Ѓорѓиев кој беше член на Комисијата за историски и за образовни прашања помеѓу Македонија и Бугарија, поднесе оставка и тврди дека висок функционер од МНР вршел политички притисок врз неа.
Прашан за ова, министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска на прес-конференција негираше дека се мешал во содржината на работата на Комисијата, освен што Министерството обезбедува логистичка поддршка за работата.
Исто така, останатите македонски членови на Комисијата во реакцијата по оставката на Ѓорѓиев потенцираат дека „научните принципи во работата на Комисијата биле, се, и ќе останат непроменети и дека не постои никаква основа да се тврди дека постои нов принцип на работа, ниту политички притисок од МНР, Владата или политичките партии“.
Образложувајќи ги причините за оставката, Ѓорѓиев подвлекува: „Изготвените и разменети предлог-идеи, донесени и разменети во текот на вчерашниот ден од страна на македонскиот дел од Комисијата за препораки за учебниците за VII одделение за македонските учебници, се без моја согласност“.
Ѓорѓиев ги напиша причините за оставката.
„–Во последно време имаше отворени обиди за политичко влијание врз работата на Комисијата што кулминираше во текот на првиот работен ден (21.10.2021 година) на 15-та редовна средба преку директно мешање во стручната работа од страна на висок функционер во МНР;
-При такви околности, под влијание на двојното водство во македонскиот дел од Комисијата, се отстапи од утврдените принципи за консензуално носење одлуки по сите прашања, при што не беше испочитувано договореното на координативниот состанок од 20.10.2021 година;
-Демонстрираните ставови на последната средба од страна на другите членови на македонскиот дел од Комисијата, не само што се во спротивност со Резолуцијата усвоена на 29.07.2021 година од Собранието, со која се утврдуваат црвените линии во преговорите меѓу Република Македонија и Република Бугарија, туку и со македонските национални интереси;
Ги охрабрувам членовите на Комисијата кои повремено споделувале со мене слични ставови и вредности, да не ја виткаат кичмата.“
Членовите на Комисиjата велат дека се изненадени од оставката на Ѓорѓиев.
„Со колегата д-р Ѓорѓиев изминатите три години заедно и посветено работевме во Комисијата и донесовме добри решенија со кои сметаме дека помагаме во надминување на спорот помеѓу двете држави, зачувувајќи ги националните интереси на македонската држава, Македонците и другите етнички заедници и затоа сме крајно изненадени од тврдењата во неговото соопштение. Исто така, вчерашните и денешните разменети предлог-идеи во ништо не отстапуваат или, пак, се разликуваат од досега разменетите предлози и пристапот кој е усогласен од сите членови на македонскиот дел од Комисијата од самиот нејзин почеток и кои во ништо не ги нарушува или, пак, се спротивни на македонскиот идентитет, национални интереси и спомнатите во соопштението на колегата Ѓорѓиев црвени линии усвоени во Собранието“, велат од Комисијата.
Членовите на Комисијата ги назначува Владата, на предлог на МНР, a претседател на македонскиот дел експерти е академик Драги Ѓоргиев.
„Министерството за надворешни работи никогаш не правело притисок по однос на содржината на разговорите и одлуките што ги носат членовите на Комисијата за историско-образовни прашања со Република Бугарија. Вчера се одржа првиот ден од средбата. Се надевам дека денеска ќе има прогрес, членовите на Комисијата имаат прво и да се повлечат или да останат, и порано имаше неколку членови коишто се повлекоа заради различни причини, меѓутоа овој процес продолжува и ги охрабрувам членовите на Комисијата да се обидат да најдат решение за да се оди напред во договарањето. Министерството е координатор, го води овој процес на разговори со Република Бугарија и е надлежна институција за имплементација на Договорот од 2017 година. Во однос конкретно на работата на Историско-образовната комисија, МНР логистички ја поддржува Комисијата и затоа состанокот се одржува овде во МНР, ресурсите ги обезбедува Министерството, Комисијата има договор потпишано со Министерството и оттука е односот на Министерството кон работата на Комисијата. Но, никогаш во однос на содржината, делокругот на работата на самата Комисија“, кажа министерот.
С. К. ДЕЛЕВСКА