ИСТРАГАТА СО 15 ОСОМНИЧЕНИ ЗА НЕЗАКОНСКИ ПОТРОШЕНИ 57 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА СПОМЕНИЦИ ОД „СКОПЈЕ 2014“ СПАДНА НА ОБВИНЕНИЕ ЗА 5 ЛИЦА, НА БИВШИТЕ ФУНКЦИОНЕРИ ИМ ЗАСТАРЕ ДЕЛОТО

    ИСТРАГАТА СО 15 ОСОМНИЧЕНИ ЗА НЕЗАКОНСКИ ПОТРОШЕНИ 57 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА СПОМЕНИЦИ ОД „СКОПЈЕ 2014“ СПАДНА НА ОБВИНЕНИЕ ЗА 5 ЛИЦА, НА БИВШИТЕ ФУНКЦИОНЕРИ ИМ ЗАСТАРЕ ДЕЛОТОСтанува збор за изработка на 11 споменици меѓу кои и „Воинот на коњ“. (Фото: СДК.МК)

    Јавното обвинителство денеска соопшти дека е поднесен обвинителен акт против пет лица за кривичното дело Перење пари за предметот „Феникс“.

    Во истрагата од која произлезе ова обвинение беа опфатени 15 осомничени, вклучувајќи ги експремиерот Никола Груевски, ексминистрите Елизабета Канческа-Милевска и ексградоначалниците Владимир Тодоровиќ и Виолета Аларова. Но, тие беа осомничени за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластувањата, дело за кое беа намалени казните со последните измени на Кривичниот законик, што повлече масовно застарување на делата за многу поранешни функционери, па и за инволвираните во овој случај.

    Осомничен во истрагата, отворена во јуни годинава, беше и италијански државјанин и неговите три фирми, каде наводно се лееле спомениците, но и преку кои биле испрани 16 милиони евра од вкупно потрошени 57 милиони евра народни пари на незаконски начин.

    Станува збор за изработка на 11 споменици меѓу кои и „Воинот на коњ“ и „Цар Самоил“. Во врска со случајот, во јуни беа уапсени Владимир Здравев, поранешен претседател на Советот на Општина Центар и Владимир Тодоровиќ, поранешен градоначалник на Општина Центар.

    Во врска со денеска поднесеното обвинение, од обвинителството велат:

    „Според опишаните дејствија во диспозитивот на обвинението, во временскиот период од втората половина на 2008 година до крајот на 2022 година во Скопје, првообвинетиот за да прикрие дека поседува и располага со пари што потекнуваат од казниво дело и дека со нив создава нови приноси, како организатор, создал група што се занимава со перење на пари. Членови на групата меѓу другите станале и останатите четворица обвинети. Во состав на групата делувале и обвинетите правни лица меѓусебно капитално, персонално и финансиски поврзани. Во пет од обвинетите правни лица првообвинетиот се јавува како вистински сопственик, косопственик или управител. Преку поврзано и заедничко делување на членовите на групата со други домашни и странски физички и правни лица, обвинетите правни лица и нивните управители, со намера да ги внесат во јавните финансии, платниот промет и стопанството во Република Северна Македонија и да ги помешаат со легалните приходи кои понатаму ќе создаваат нови приноси од казниви дела, групата започнала да ги прима и пушта во оптек на различни начини – еден дел директно во нашата држава, а дел преку други држави кон Република Северна Македонија. Потоа со конверзија на овие средства било прикриено нивното потекло и тие биле пуштени во оптек за прибавување на имот во државава и во странство и претворени во друг вид на имот или имотни права, a со цел да се прикрие нивната понатамошна локација, движење или сопственост, стекнување на нови користи (приноси) и трансформации на незаконски стекнатите пари и нивно помешување во легалните економски текови на финансискиот систем на Република Северна Македонија“.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира