ИСТРАГИТЕ ОД ДЕСОРОСОИЗАЦИЈАТА НА ГРУЕВСКИ НЕ ОТКРИЛЕ НИКАКОВ КРИМИНАЛ КАЈ НЕВЛАДИНИТЕ

    ИСТРАГИТЕ ОД ДЕСОРОСОИЗАЦИЈАТА НА ГРУЕВСКИ НЕ ОТКРИЛЕ НИКАКОВ КРИМИНАЛ КАЈ НЕВЛАДИНИТЕЕкспремиерот Никола Груевски во говорот пред ДИК на 17 декември минатата година најави дека владата ќе почне со „десоросоизација на општеството“.

    Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кажа дека се затворени истрагите против невладините организации, кои што беа отворени на крајот од минатата година по најавата на експремиерот Никола Груевски дека владата ќе почне процес на „десоросоизација на општеството“. Спасовски, кој денеска беше во посета на СВР Скопје, рече дека истрагите на неколку државни органи не откриле ништо незаконско кај невладините.

    „По извршените анализи и консултации со Обвинителството за организиран криминал и корупција, МВР, односно Бирото за јавна безбедност, заедно со Управата за финансиска полиција, ги затворивме овие истраги, бидејќи навистина не постојат никакви докази кои што ќе ја потврдат основаноста на сомненијата дека нешто е направено. Има поднесено една кривична пријава во СВР Струмица, која што се однесува на незначителна сума прикривање на персонален данок, меѓутоа никаква друга организирана нелегална дејност од невладините организации во Македонија и затоа е затворена оваа истрага“, изјави Спасовски.

    Под истрага на обвинителството и финансиската полиција беа 21 невладина организација, откако ВМРО-ДПМНЕ повика на прогон на граѓанските организации, веднаш по говорот на партискиот лидер Никола Груевски на 17 декември 2016 пред ДИК.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира