ИТАЛИЈА И ИТАЛИЈАНЦИТЕ НЕМА ДА ВЕ ОСТАВАТ САМИ, МУ КАЖА КОНТЕ НА ЗАЕВ

    ИТАЛИЈА И ИТАЛИЈАНЦИТЕ НЕМА ДА ВЕ ОСТАВАТ САМИ, МУ КАЖА КОНТЕ НА ЗАЕВИталијанскиот премиер е пријатно изненаден што италијанскиот јазик се изучува во македонските основни училишта. - Од средбата на Заев и Конте во Рим (Фото: Влада на РСМ)

    Недоделувањето датум на Северна Македонија за почеток на пристапните преговори со ЕУ е сериозна историска грешка што треба да биде исправена, повтори италијанскиот премиер Џузепе Конте на заедничката прес-конференција со македонскиот премиер Зоран Заев попладнево во Рим. Италијанскиот премиер, исто така, потсети дека стабилноста на Западен Балкан е од клучна важност за Европа и дека европската интеграција е единствената опција.

    Конте му вети на Заев дека Италија ќе го поддржи евроинтегративниот процес на Северна Македонија и најави дека процесот ќе продолжи на следниот состанок на министрите за надворешни работи во ноември.

    Италија и Италијанците нема да ја остават Северна Македонија сама, кажа Конте, меѓу другото и поради културните врски кои го зацврстија пријателството со текот на времето. И не само поради економските врски меѓу двете земји.

    „Пријатно бев изненаден што италијанскиот се изучува како дополнителен јазик уште во основно училиште“, рече Конте, без да ја заборави италијанската катедра на Скопскиот универзитет.

    Италија е петти трговски партнер на Северна Македонија со размена која достигнува близу 700 милиони евра, а инвестициите на италијанските компании достигнаа 105 милиони евра минатата година, потсети италијанскиот премиер.

    „Односите секогаш можат да бидат и поцврсти. Италија секогаш ќе ви биде блиска“, вели Конте.

    Заев рече дека по одлуката на Европскиот совет од овој месец, граѓаните почувствуваа разочараност и неправда и ова чувство го сподели и речиси целата Европска Унија и нејзините држави членки.

    „Многумина коментираа дека се случи историска грешка. Таа историска грешка има време и начин да се исправи во наредниот период и ние сме подготвени заедно со партнерите од ЕУ да работиме на тоа“, изјави Заев.

    За Конте, Заев рече дека неговата голема и постојана поддршка за нашата интеграција во ЕУ ја покажал и на Европскиот совет на 17 и 18 октомври.

    „Оваа средба докажува дека тој продолжува со искрените напори за донесување вистинска одлука во наредниот период за нашата земја. Ние тоа високо го цениме, а Италија и премиерот Конте ги сметаме за незаменливи партнери и пријатели на Република Северна Македонија и на целиот Западен Балкан“, рече Заев.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира