Министрите за внатрешни работи и за здравство Оливер Спасовски и Фатмир Меџити денеска долетаа до Клиничката болница во Битола со хеликоптер, како пробен лет за промоција на две летала на Министерството за внатрешни работи (МВР) кои во иднина ќе се користат за итен транспорт на пациенти од болници од внатрешноста до Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ во Скопје.
Опремата за хеликоптерите е обезбедена од словенечката полиција, а со пациентите ќе лета и медицински тим составен од доктор и сестра од скопската болница.
Министерите дојдоа со задоцнување од педесетина минути зашто хеликоптерот уште од првиот ден беше ставен во функција за транспорт на пациент. Со него од тешко пристапен терен кај Буковиќ, Тетовско, беше траснпортиран ловџија со скршеница на ногата до скопската болница.
„Ова беше добро промовирање за почеток, но за несреќа на пациентот, кој сепак беше во добра општа состојба. Имаше скршеница на десната нога на глуждот. Беше на непристапно место за Итната медицинска помош. Со ова докажуваме дека грижата за пациентите ни е пред сè“, изјави министерот за здравство Меџити.
Тој додаде дека ова е значаен исчекор за заштита на пациентите и осовременување и усовршување на здравствениот систем. Со оваа соработка меѓу двете министерства се овозможува заедничко дејствување на припадниците на Хеликоптерската единица при МВР и здравствените установи.
„На овој начин овозможуваме побрз транспорт на пациентите до здравствените установи кој е од исклучителна важност за ургентните состојби, првиот час по настанување на критична здравствена состојба. Ние лекарите го нарекуваме златен час и токму во тоа време соодветна интервенција значително ги подобрува шансите за позитивен исход“, додаде Меџити.
Заменичката-министер за здравство Маја Манолева кажа дека опремата опфаќа монитори за следење витални параметри и инвазивен мониторинг, дефибрилатор, кислородна боца, аспиратор, како и лекови и други медицински инструменти.
„Дополнителна опрема ќе се обезбедува во зависност од дијагнозата на пациентите кои ќе има потреба да се транспортираат. Транспортот е целосно бесплатен за пациентот, а за потребата од ваков транспорт ќе врши стручна проценка директорот на установата од каде примарно е пациентот, како и според итноста на состојбата. Нашата тенденција е во иднина да се формира и посебен кол-центар одговорен за координација, како и да се прошири проектот со вклучување повеќе центри“, рече Манолева.
Министерот за внатрешни работи Спасовски рече дека брзината на транспортот на пациенти од кој било крај на Македонија до Скопје ќе биде завршен најдолго за четириесетина минути. Тоа е значително пократко време отколку транспорт со амбулантски возила.
Ж. ЗДРАВКОВСКА