ИТНО И ВАЖНО Е ДА РАБОТИТЕ НА ВАКЦИНАЦИЈАТА, ПИСМЕНОСТА, ДЕБЕЛИНАТА И МЕНТАЛНОТО ЗДРАВЈЕ НА ДЕЦАТА, ВЕЛИ УНИЦЕФ ЗА 30-ГОДИШНАТА СОРАБОТКА СО МАКЕДОНИЈА

    ИТНО И ВАЖНО Е ДА РАБОТИТЕ НА ВАКЦИНАЦИЈАТА, ПИСМЕНОСТА, ДЕБЕЛИНАТА И МЕНТАЛНОТО ЗДРАВЈЕ НА ДЕЦАТА, ВЕЛИ УНИЦЕФ ЗА 30-ГОДИШНАТА СОРАБОТКА СО МАКЕДОНИЈАЗа да се создаде подобра иднина за секое дете, сите членови на општеството треба да вложат енергија и да се посветат, вели УНИЦЕФ. (Фото: К. Попов)

    Смртноста кај доенчињата, антиваксерските кампањи, дебелината, менталното здравје, неписменоста кај децата, се главни точки во изјавата на претставничката на УНИЦЕФ Патриција ди Џовани, за одбележување на 30-годишнината откако земјава ја потпиша Конвенцијата за правата на детето и ја воспостави соработката со УНИЦЕФ.

    Ди Џовани вели дека во овие 30 години во земјата се подобрија законските и политичките рамки за да им се олесни пристапот на децата до нивните права. Помалку деца умираат на возраст од 0 до 5 години. Повеќе деца имаат пристап до основно и средно образование. Нема деца сместени во големи институции.

    „И покрај тоа што помалку деца умираат денес отколку пред 30 години, земјата сѐ уште има висока перинатална стапка на смртност во споредба со земјите-членки на ЕУ и членките на Здравствената мрежа на Југоисточна Европа. Поради дезинформации, децата испуштаат шанса да примат вакцини кои спасуваат живот. Освен тоа, дебелината кај децата зема замав, со што цели генерации се во ризик од проблеми со физичкото и менталното здравје во иднина. Мора да се зголемат инвестициите за подобрување на квалитетот и опфатот на специјализирани услуги за здравјето на мајките и децата. За да се спречи смртноста што се должи на причини што може да се спречат, за да се зголеми свесноста за придобивките од вакцините и за да се обезбедат адекватни информации за антиваксерските движења, ни требаат програми што во својата работа се раководат со податоци и факти. Земјата треба да ги зајакне програмите за промоција на доењето и да организира кампањи за подигање на свеста за прашањата поврзани со исхраната и за добрите практики во исхраната“, вели таа.

    Претставничката на УНИЦЕФ меѓудруото, вели дека уште пред ковид-19, земјата веќе беше соочена со криза во учењето. Повеќе од половина ученици на петнаесетгодишна возраст не ги задоволуваа основните нивоа на знаење по читање и математика.

    „Сè уште не се познати ефектите од програмите за закрепнување од загубите во учењето за време на пандемијата. Исто така не е познато до која мера беа успешни заложбите на училиштата да ги опфатат децата кои се отпишале од училиште за време на ковид-19. Зголемен е бројот на деца што покажуваат знаци на анксиозност и страв и затоа е потребна поддршка на менталното здравје во училиштата. Понатаму, како резултат од демографските промени кои не беа придружени со соодветни прилагодувања на мрежата основни училишта, распределбата на ограничените ресурси во образованието стана неефикасна и нерамноправна“, вели таа. Додава дека предуслов за да се подобри квалитетот и инклузивноста на образованието за сите деца е зголемување на јавното финансирање во образованието и инвестициите во образованието.

    „Децата кои заостануваа во резултатите во читање и математика пред пандемијата на ковид-19 сега се возрасни луѓе кои или се запишуваат на факултет или стануваат дел од работната сила. Вака ќе биде со сите што доаѓаат, сè додека не се реши ситуацијата. Ова е итно. Ова е важно. Ова ќе има сериозни последици врз сегашните и идни генерации“, потеницира таа.

    Ди Џовани се осврнува и на климатската криза и загадувањата на воздухот, со оглед на фактот дека Скопје и други градови во Македонија честопати се наоѓаат меѓу најзагадените градови на светот.

    „За да се создаде подобра иднина за секое дете, сите членови на општеството треба да вложат енергија и да се посветат. Аспирациите на Северна Македонија за подобрување на економската конкурентност и забрзување на интеграцијата во Европската Унија се пресудни за да се постигне побезбедна, отпорна, одржлива и просперитетна иднина за граѓаните. Дали ќе се постигнат овие цели зависи во голема мера од изградбата на здрава, образувана работна сила и од развојот на човечкиот капитал. Унапредувањето на правата на секое дете е важно за децата денес, но е исто така и најдобриот начин за да се создаде помирен, просперитетен и праведен свет за сите“, вели Патриција ди Џовани.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира