ИВАНОВ ТРЕБА ДА СИ РЕЗЕРВИРА ТЕРМИН ЗА ГОДИШНОТО ОБРАЌАЊЕ ОТИ ИМАМЕ МНОГУ РАБОТА, ВЕЛИ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СОБРАНИЕТО ТАЛАТ ЏАФЕРИ

    ИВАНОВ ТРЕБА ДА СИ РЕЗЕРВИРА ТЕРМИН ЗА ГОДИШНОТО ОБРАЌАЊЕ ОТИ ИМАМЕ МНОГУ РАБОТА, ВЕЛИ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СОБРАНИЕТО ТАЛАТ ЏАФЕРИПретседателот има право, но нема обврска да се обрати на пратениците - од минатогодишното обраќање на 26 декември - (Фото: М. Златевска)

    Не се знае дали оваа година претседателот на државата Ѓорге Иванов ќе го има традиционалното годишно обраќање во Собранието на Македонија, оти до сега неговиот Кабинет не побарал термин кај сообраниските служби.

    Според Уставот, тој има право да се обрати, но не му е обврска.

    „Ако Кабинетот на претседателот на државата на време не испрати барање кога планира да се обрати во Собранието, може за него да нема термин“, рече претседателот на Собранието Талат Џафери на брифинг со новинарите.

    Собранието овој декември има засилена активност, не само поради седницата на која што се носи Буџетот за идната година, туку и поради седницата на која треба да се гласаат уставните измени согласно Договорот со Грција за промена на уставното име во Република Северна Македонија.

    Минатата година претседателот Иванов имаше годишно обраќање во Собранието на 26 декември. Тој тогаш им даде поддршка на демонстрантите кои влегоа во Собранието на 27 април, а побара и мерки против загадувањето, ги обвини медиумите дека шират лажни вести, и рече дека законот за употреба на јазикот е противуставен.

    „За жал, видовме пратеници со лисици без симнат имунитет и граѓани од ‘За заедничка Македонија’ обвинети за тероризам. Не можам, а да не ги поддржам оние кои повеќе од два месеци на мирен и достоинствен начин искажуваа грижа за државните интереси, бидејќи дел од нивните барања беа и мои барања“, рече тогаш Иванов.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира