ИЗБЕГНАТ СУДИР НА ГЕРМАНСКИ И ХРВАТСКИ АВИОН НАД КОНОПИШТЕ

    ИЗБЕГНАТ СУДИР НА ГЕРМАНСКИ И ХРВАТСКИ АВИОН НАД КОНОПИШТЕСммулација на двата лета од 5 јули 2017 година во 19 часот според плејбекот на специјализираната авионска веб страница flightradar24. - (Фото: принтскрин)

    Два патнички авиони што го прелетувале македонското небо на 5 јули, се нашле на недозволено блиско растојание, потврдија за САКАМДАКАЖАМ.МК воздухопловни власти. Тие велат дека станува збор за таканаречена  „блиска средба“ помеѓу авиони кои летале на линиите на „Флај Ники“ и „Изрер“ на релација Хераклион  – Берлин и  Тел Авив – Подгорица. Во воздухопловството оваа „блиска средба“ е заведена како безбедносен настан со помал ризик.

    Авионот боинг 737-800, сопственост на германската „Ер Берлин“ полетал од аеродромот „Никос Казанѕакис“ во Хераклион на грчкиот остров Крит во 18,08 часот по локално време на лет на австриската „Флај Ники“ за берлинскиот аеродром Тегел. Ербас А320 кој израелската авиокомпанија „Изрер“ го најмила од хрватската компанија „Трејд ер“ полетал од Подгорица во 17.47 часот на лет кон Тел Авив.  И во двата авиона имало околу 170 патници, претежно туристи.

    Во 19 часот кога двата авиони летале над Конопиште, се нашле на меѓусебно растојание од само 120 метри, а по командата од Скопската контрола на летање, биле оддалечени.  Авионите биле на околу 36.000 фити, односно 11.000 метри височина. Хрватскиот авион само што го завршувал искачувањето на висината за крстарење. Времето било добро,  со одлична видливост. И двата авиони безбедно слетале во Берлин и во Тел Авив.

    Блиската средба на авионите била пријавена кај регулаторот – Агенцијата за цивилно воздухопловство и во Еуроконтрол, европската организација за безбедност на авиосообраќајот.

    „Добивме пријава, според законот тоа е пријава за безбедносен настан. Искусниот контролор постапил професионално. Доказ за тоа е што не се вклучил ТКАС системот во авионите за избегнување судир“, изјави за САКАМДАКАЖАМ директорот на АЦВ Горан Јандреоски. (ТКАС е компјутерски систем вграден во пилотските кабини кој предупредува кога во близина има друго летало и автоматски го пренасочува авионот во спротивна насока.)

    Извори од М-НАВ неофицијално објаснуваат дека безбедносниот настан се случил затоа што не се вклучил алармот на системот во Контрола на летање.

    „Во случај како овој, кога едниот авион се искачувал, ама побавно, и бил предаден од еден сектор на контрола на друг, требало софтверот да алармира дека во близина има друг авион. Немало аларм. Ова не е прв пат системот да затаи во слични околности, вели нашиот извор, додавајќи дека софтверот уште при инсталацијата, пред повеќе од 15 години, ја покажал оваа аномалија, ама и покрај укажувањата, бил одобрен за употреба.

    Директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство Горан Јандреоски во врска со овој безбедносен настан изјави: „АЦВ потсетува на потребата од зголемена самосвесност како на контролорите на М-НАВ, така и на менаџментот, во делот на континуираните обуки, внимавање на законски утврдените паузи и оптоварувањето на работното место“. 

    Во моментов во М-НАВ, со одлуката на Влада, се разрешени и Надзорниот и Управниот одбор.

    А. САЛТИРОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира