ИЗБОРИ НЕ СЕ РЕШЕНИЕ, АКО НЕКОЈ ИМА ДРУГА АЛТЕРНАТИВА ЗА ЕУ И НАТО НЕКА ЈА КАЖЕ, РЕЧЕ АХМЕТИ НА ПРИЕМОТ ЗА ПОКАНАТА ОД НАТО

    ИЗБОРИ НЕ СЕ РЕШЕНИЕ, АКО НЕКОЈ ИМА ДРУГА АЛТЕРНАТИВА ЗА ЕУ И НАТО НЕКА ЈА КАЖЕ, РЕЧЕ АХМЕТИ НА ПРИЕМОТ ЗА ПОКАНАТА ОД НАТОНа приемот во еден скопски ресторан беше прикажано кратко видео по повод поканата на НАТО во кое Ахмети објаснува што направила ДУИ во изминатите 17 години. - Лидерот на ДУИ Али Ахмети (Фото:СДК.МК)

    Предвремени избори не се решение за излез од политичката криза, изјави лидерот на ДУИ Али Ахмети.

    „Политичките партии треба да најдат енергија за да се доближат ставовите на власта и опозицијата. Недоразбирањето е околу договорот со Грција. И гласање против е демократски глас. Нема друга алтернатива освен ЕУ и НАТО. Ако има некој друга нека ја каже. Опозицијата мора да биде дел од решението“, рече Ахмети на прославата по повод поканата на НАТО, организирана од ДУИ.

    Лидерската средба е закажана за 18 часот во Клубот на пратеници во Скопје. На неа ќе се разговара за деблокирањето на изборот на Државната изборна комисија, која треба да го спроведе најавениот референдум.

    До Собранието Владата вчера достави измени на Изборниот законик на кои е ставено европско знаме со кои изборот на Државната изборна комисија (ДИК) би се правела со 61 пратеник, наместо со двотретинско од 81 глас, објави Владата.

    „Владата одлучи да предложи измени на Изборниот законик како резултат на блокади од опозицијата на изборот на ДИК а со тоа и на одржувањето референдум на кој граѓаните треба да одлучат за иднината на земјата за членството во ЕУ и НАТО.“, рече вчера владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

    ВМРО-ДПМНЕ вчера ја обвини власта дека по заминувањето на Јоханес Хан, а во очи формирање на ДИК на веќе закажана седница, без консултации и поддршка од опозицијата се носат измени на Изборниот законик.

    „Ова што го прави владејачкото мнозинство покажува каков демократски капацитет имаат. Ова стана честа пракса на власта“, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев вчера во Собранието.

    На приемот беше прикажано кратко видео по повод поканата на НАТО во кое Ахмети објаснува што направила ДУИ во изминатите 17 години.

    На приемот, покрај Ахмети, присуствуваа и претседателот на Собранието Талат Џафери, владини и партиски функционери на ДУИ, амбасадори, поглаварот на Исламската верска заедница, Реис Ул Улема Сулејман Хаџи Реџепи.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира