ИЗБОРИТЕ ЌЕ СЕ ОДРЖАТ НА 5 ЈУЛИ, КАЖА СПАСОВСКИ ВО КУМАНОВО

    ИЗБОРИТЕ ЌЕ СЕ ОДРЖАТ НА 5 ЈУЛИ, КАЖА СПАСОВСКИ ВО КУМАНОВОСпасовски во Куманово рече дека ќе биле посреќни ако датумот се одредувал со политички консензус, но поради тоа нема да дозволат вечни преговори и саботажи од ВМРО-ДПМНЕ, а бидејќи не можат да се договорат политичките лидери, одговорноста мора да ја преземат институциите на системот. (Фото: СДК.МК)

    Вонредните парламентарни избори ќе се одржат на 5 јули, објави премиерот Оливер Спасовски од Куманово. По завршувањето на вонредната состојба од 14 дена, се исполнува законскиот рок од 22 дена до изборите.

    „Тоа е единствена опција пропишана со закон, и не постои друг правен механизам. Ако прецизно се одброи,  тоа значи дека изборите ќе бидат на 5 јули. Било какво пролонгирање не можно ниту од правен, ниту од праведен аспект. Секој термин на избори кој ќе навлезе во летниот период ќе го загрози гласачкото право на граѓаните, зашто ќе се спротивстави со правото на летен одмор. Избори наесен се опасна идеја по здравјето на граѓаните и економијата“, рече Спасовски.

    Тој додаде дека ќе биле посреќни ако датумот се одредувал со политички консензус, но поради тоа нема да дозволат вечни преговори и саботажи од ВМРО-ДПМНЕ. Бидејќи не можат да се договорат политичките лидери, одговорноста мора да ја преземат институциите на системот.

    „Со ова ова последно продолжување на вонредната состојба, датумот за избори се фиксира на 5 јули. Ги повикуваме сите партии, особено ВМРО-ДПМНЕ, да преземат одговорни чекори и да бидат дел од решението, наместо да бидат извор на проблемот. Изборите се поважни и од кафеаните и од спортските натпревари, славите и веселбите. Ако можеме да пазаруваме со маска, да седиме во ресторан и состанок под маски, тогаш можеме со сигурност и да одиме на избори“, кажа Спасовски.

    Премиерот рече дека Владата не може бескрајно да ја има улогата на извршна и законодавна власт и дека одговорна политика е да се обезбеди работата на сите институции. Тој додаде дека по 5 јули, државата ќе добие нов парламентарен состав и нова Влада со целосен легитимитет и со целосна одговорност, кое е важно и од здравствен, економски и демократски аспект.

    Спасовски рече дека нема простор за паника во однос на зголемениот број на заболени од коронавирус, но вирусот не е за потценување и сите треба да се однесуваме одговорно. Кажа дека бројката заболени се должи на неодговорното однесување на министерот Наќе Чулев и зголемениот број на тестирања, а за сите прекршители на мерките треба да се спроведат санкции.

    Премиерот најави дека многу скоро се очекува отворање на границите, откако одлуката ќе ја усогласат со соседните земји.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира