ИЗГЛАСАНАТА ИНТЕРПЕЛАЦИЈА ЗА ИЛИРЕ ДАУТИ НЕ ЗНАЧИ ДЕКА ЌЕ БИДЕ РАЗРЕШЕНА ОД ПРЕТСЕДАТЕЛКА НА СОБРАНИСКАТА КОМИСИЈА, РЕЧЕ ГАШИ

    ИЗГЛАСАНАТА ИНТЕРПЕЛАЦИЈА ЗА ИЛИРЕ ДАУТИ НЕ ЗНАЧИ ДЕКА ЌЕ БИДЕ РАЗРЕШЕНА ОД ПРЕТСЕДАТЕЛКА НА СОБРАНИСКАТА КОМИСИЈА, РЕЧЕ ГАШИОва место му припаѓа на опозицискиот Европски фронт на чело со ДУИ, кој би требало да предложи нов претседател за комисијата, а може и пак да ја предложи Даути. (Фото: К. Попов)

    Со 61 глас „за“, 22 „против“ и ниеден „воздржан“, пратениците денеска ја изгласаа интерпелацијата за претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади Илире Даути од ДУИ. Интерпелацијата беше поднесена од пратениците на Левица, поради непочитување на Собранискиот деловник со неставање на Законот за правата на бранителите на комисиска расправа и самоволна одлука да ги лиши пратениците од дебата за него.

    „За“ гласаа ВМРО-ДПМНЕ, Левица и ЗНАМ, „Вреди“ гласаше „против“, а пратениците на СДСМ не присуствуваа на седницата.

    Гласањето на интерпелацијата за Даути, значи дека пратениците ќе треба да предложат нов претседател на Комисијата за социјална политика, демографија и млади. Ова место му припаѓа на опозицискиот Европски фронт на чело со ДУИ, кој би требало да предложи нов претседател за комисијата, а може и пак да ја предложи Даути.

    Неколку часа по изгласаната интерпелација за Даути, со соопштение до медиумите Кабинетот на претседателот на Собранието Африм Гаши даде појаснување.

    „Изјавите на одредени медиуми кои велат дека резултатот од гласањето за интерпелација наложува разрешување на г-ѓа Даути се неточни. Нагласуваме дека гласањето за интерпелацијата е израз на пратениците и нема правно обврзувачки последици за разрешување и нема правно дејство. Именувањата и разрешувањата се уредуваат со други посебни процедури утврдени во Деловникот на Собранието, законите и Уставот“, вели спикерот Гаши.

    Но пратеникот Јован Митревски од СДСМ вели дека Гаши не е во право – интерпелација мора да има правна последица, ама ова сепак е преседан. Во Деловникот има интерпелација за носители на јавни функции, а претседател на собраниска комисија е и тоа како носител на јавна функција. Значи, не станува збор тука за пратеник, за чие разрешување има пропишано законска и уставна процедура, туку за претседателка на собраниска комисија. Оттаму, Митревски вели дека Даути треба да си замине од Комисијата, но право на парламентарната партија е да предложи кого сака за претседател, што значи дека може да ја предложи и Даути.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира