ИЗГОРЕА АВТОМОБИЛИ НА СТАРИОТ ПОЛИГОН ВО СКОПЈЕ, ВОЈНИК СПРЕЧИ ПОЖАРОТ ДА СЕ ПРОШИРИ

    ИЗГОРЕА АВТОМОБИЛИ НА СТАРИОТ ПОЛИГОН ВО СКОПЈЕ, ВОЈНИК СПРЕЧИ ПОЖАРОТ ДА СЕ ПРОШИРИЗа време на интервенцијата, војникот Божиновски се здобил со полесни повреди на едната рака, по што му била пружена соодветна медицинска помош. (Фото: принтскрин од видео)

    Професионалниот војник Христијан Божиновски денеска спречи ширење на пожар и заштити имот на граѓаните на просторот на поранешниот полигон за обука за моторни возила, кој се наоѓа наспроти Националната Арена „Тодор Проески“, соопшти Армијата.

    Инцидентот се случил околу 15:40 часот кога Божиновски, при заминување од работното место, забележал дека неколку паркирани возила се зафатени со пламен. Проценувајќи дека постои сериозна опасност огнот да се прошири врз останатите автомобили, тој веднаш побарал поддршка од командирот на воениот стадион во Скопје. Припадниците на Армијата кои биле на должност веднаш пристигнале на местото и употребиле противпожарни апарати од единицата за да го локализираат пламенот.

    Бидејќи пожарот бил голем и не можел целосно да се изгасне само со апаратите, војниците почнале да ги дислоцираат возилата кои сè уште не биле зафатени од огнот. Со ваквата реакција тие успеале да го сопрат неговото понатамошно ширење.

    За време на интервенцијата, Божиновски се здобил со полесни повреди на едната рака, по што му била пружена соодветна медицинска помош.

    Од Армијата велат дека со ова дејствување нивните припадници уште еднаш го покажале високиот професионален интегритет и пожртвуваноста во служба на државата и граѓаните, без разлика дали се во униформа или не.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира