ИЗГРАДБАТА НА НОВИОТ КЛИНИЧКИ ЌЕ ПОЧНЕ ВГОДИНА, ЌЕ ЧИНИ 500 МИЛИОНИ ЕВРА И ЌЕ ЗАВРШИ ЗА 7 ГОДИНИ

    ИЗГРАДБАТА НА НОВИОТ КЛИНИЧКИ ЌЕ ПОЧНЕ ВГОДИНА, ЌЕ ЧИНИ 500 МИЛИОНИ ЕВРА И ЌЕ ЗАВРШИ ЗА 7 ГОДИНИМинистерот за здравство Венко Филипче вели дека јавната набавка за избор на изведувач ќе ја распишат следниот месец, а изградбата на новиот Клинички центар ќе заврши за седум години. (Фото: Влада на РСМ)

    На почетокот на следната година ќе почне изградбата на новиот Универзитетски клинички центар, а проценетата вредност за јавната набавка која треба да ја спроведе Министерството за здравство е 500 милиони евра. На вчерашната седница на Владата помина информацијата за финансирањето на изградба на новиот Клинички центар.

    „По завршената постапка во Министерството за финансии, од кое беше упатено барање во повеќе финансиски институции и комерцијални банки, стигнаа шест понуди. Во Министерство за финансии ги анализираа и беше одбрана понудата од конзорциумот Рајфајзен банк, ЕрстеГруп и УниКредит“, рече министерот за здравство Венко Филипче.

    Тој рече дека јавната набавка за избор на изведувач ќе ја распишат следниот месец, а изградбата на новиот Клинички центар ќе заврши за седум години.

    „Новиот Клинички центар ќе има 105.000 квадрати и времето на изградба би требало да биде во три фази, од кои првата фаза завршува по три и пол години, а последната фаза по седум години. На почетокот на август ја почнуваме постапката со конкурентен дијалог, тоа значи дека во тендерската постапката влегуваат и проектирањето, изградбата и опремувањето, ставањето во функција и тренинг на персоналот кој ќе работи во новиот објект“, рече Филипче.

    Тој кажа дека во Министерството за здравство направило тим кој работи на анализа на законите и ќе се оди според член 53 од Законот за јавни набавки.

    „Оваа есен, институциите кои треба да ја спремат инфраструктурата во однос на струја, водовод, канализација, гас може да почнат да работат, започнати се делови од проектирањето на патната инфраструктура и тие може најбрзо да почнат со изведба“, рече Филипче.

    Тој рече дека додека трае изградбата ќе се префрлаат и дел по дел клиниките. Како ќе се одвива финансирањето и исплатата на заемот ќе се знае по спроведување на постапката.

    Владата на Заев го отфрли проектот за изградба нов Клинички центар во рамки на постоечкиот кампус на клиники од 72 илјади евра и кој беше двојно помал, што беше потпишан од претходната Влада непосредно пред заминување. Филипче рече дека проектот беше отфрлен, бидејќи во новиот објект требаше да се префрлат дел од клиниките, а со новиот проект ќе се обезбеди модерен клинички центар.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари