ИЗГРАДЕНА МОНТАЖНАТА БОЛНИЦА ДО ПУЛМОЛОГИЈА, ПАЦИЕНТИ ЌЕ ПРИМА ОД СРЕДИНА НА АВГУСТ

    ИЗГРАДЕНА МОНТАЖНАТА БОЛНИЦА ДО ПУЛМОЛОГИЈА, ПАЦИЕНТИ ЌЕ ПРИМА ОД СРЕДИНА НА АВГУСТВо новиот објект се наоѓаат четири амбуланти и кабинети со спирометрија, за дифузија и бодиплетизмографија, за бронхијална провокација, за гасни анализи во крвта, за алерголошки тестирања и за ЕКГ, како и две засебни простории за дневни болници за сместување амбулантските пациенти. (Фото: Министерство за здравство)

    Поставен е новиот монтажен објект – амбулантско-поликлинички оддел на Клиниката за пулмологија и алергологија, лоциран на просторот меѓу Институтот за патофизиологија и Институтот за ТБЦ, соопшти Министерството за здравство. Пациентите со белодробни заболувања поради хроничната болест на белодробниот систем се во најризичната група за заболување од ковид-19, како и за развивање тешки компликации од вирусот.

    Во наредните денови се очекува да заврши и опремувањето на внатрешноста со инвентар, немедицинска и медицинска опрема која е донација од Здружението на граѓани „Обединета македонска дијаспора“, а кон средината на август објектот ќе биде целосно готов за прием на пациенти.

    Во новиот објект се наоѓаат четири амбуланти и кабинети со спирометрија, за дифузија и бодиплетизмографија, за бронхијална провокација, за гасни анализи во крвта, за алерголошки тестирања и за ЕКГ, како и две засебни простории за дневни болници за сместување на амбулантските пациенти. Сето ова е придружено со сите потребни помошни простории, тоалети и гардеробери за персонал, засебни тоалети за пациенти, чекални, административни соби, стерилни остави, сервер соба, климатизација и слично.

    „Целиот простор ентериерно и екстериерно е оформен така да не постојат бариери и препреки за лица кои користат помагала и лица со попреченост, за кои се предвидени и специјални тоалети согласно стандардите. Поставувањето на новата монтажна амбуланта е со цел оние пациенти кои имаат било каква белодробна симптоматологија целосно да се одделат од сите други пациенти, и во амбуланскиот дел да се направи тријажа на пациентите. Ова е важно за наредниот период, за есенските месеци, во кои што бројот на пациенти со белодробни заболувања вообичаено значајно се зголемува“, додаваат од Министерството.

    Министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека се разработува планот за дополнување на капацитетите во сите општи и клинички болници во државата, со цел да се направат мини инфективни одделенија, по примерот на модуларната болница на Инфективната клиника во Скопје.

    „Целта е целосно да се одделат болниците од овие одделенија и болниците да останат да ги третираат пациентите од вообичаена патологија. Овие инфективни одделенија ќе ги третираат пациентите заболени од ковид, физички се одделени, затоа што тоа се сепак пациенти на кои им се потребни и посебни услови“, кажа министерот Филипче.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира