Изминатите седум дена (12-18 април) се регистрирани 5.199 нови позитивни случаи на ковид-19, што е намалување од 24,3 отсто во однос на претходната недела, според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје. Намалено за 20,4 отсто било и тестирањето. Процентот на позитивност се движи од 15,3 до 27,9%, просечно 22,6 %.
Изминатите седум дена се пријавени 206 смртни случаи од 26 градови, што е 25,4 отсто помалку во однос на претходната недела. Во однос на возраста, 175 лицa биле над 60 години, 20 лица на возраст од 50-59 години, по 5 лица од возрасните групи од 40-49 и 30-39 години и еден од 20-29 години.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (33,1%), а голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 50-59 (17,7%), 40-49 (17%), 30-39 (16,1%) и 20-29 (9,7%). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (1,8%) и 10-19 години (4,6%). Се забележува намалување кај сите возрасни групи во споредба со минатата недела.
Во лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика при Институтот за јавно здравје е извршено секвенционирање на 48 селектирани САРС КоВ-2 позитивни примероци, одбрани од периодот 01-31.03.2021. Резултатите од секвенционирањето покажаа присуство на генотипот британскиот сој кај 98% од тестираните пациенти.
Дополнително, направено е скринирање за присуство на варијанти од посебно внимание на 200 пациенти кој детектира 5 варијанти. Доминантен сој застапен со 100% меѓу тестираните примероци е британскиот сој на коронавирусот.