ИЗВЕСНО Е ДЕКА НА 11 ЈУЛИ ЌЕ ДОБИЕМЕ ПОКАНА ОД НАТО, РЕКОА ШЕКЕРИНСКА И ПЕНДАРОВСКИ ПРЕД САМИТОТ ВО БРИСЕЛ

    ИЗВЕСНО Е ДЕКА НА 11 ЈУЛИ ЌЕ ДОБИЕМЕ ПОКАНА ОД НАТО, РЕКОА ШЕКЕРИНСКА И ПЕНДАРОВСКИ ПРЕД САМИТОТ ВО БРИСЕЛМинистерката за одбрана Радмила Шекеринска и Стево Пендаровски рекоа дека огромен дел од работите се веќе завршени, а главната работа треба да се направи во Македонија, да се одржи референдум и да се смени Уставот. (Фото: СДК.МК)

    Извесно е дека Македонија на 11 јули на Самитот на НАТО во Брисел ќе добие покана за пристапни преговори, во процедура иста како и за приемот на Црна Гора, Хрватска и Албанија, рече националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски, на денешниот брифинг со новинарите.

    „По добивањето на покана за пристапни преговори, кои во принцип траат кратко, потоа ќе се потпише Протоколот за пристапување, по што ќе почне негова ратификација во сите земји членки. Од тој момент де факто ќе бидеме веќе во НАТО, оти ќе учествуваме во сите процеси на НАТО. Останува само да се заврши процедурата во земјава, со референдумот и уставните промени, за да се отстранат последните пречки“, рече Пендаровски.

    Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, рече дека несериозно би било опозицијата, која долго време наназад потенцира дека е за влез во ЕУ и НАТО, сега поради ситни политички поени да ги блокира ЕУ и НАТО процесите.

    Шекеринска и Пендаровски рекоа дека огромен дел од работите се веќе завршени, а главната работа треба да се направи во Македонија, да се одржи референдум и да се смени Уставот.

    Координаторот на НАТО Пендаровски, објасни дека по поканата на 11 јуни, ќе почне вистинската работа.

    „Откако НАТО на 11 јуни ќе ја повика Македонија да ги почне пристапните преговори, Алијансата ќе направи План за пристапување, по што Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг ќе издаде формална покана, на која македонската влада ќе одговори со писмо за намери, по што ќе уследат политичките и техничките сесии на преговори и од наша страна ќе се изготви тримесечна Програма за членство, и ако се помине добро, се потпишува Протоколот за пристапување. Потоа треба да се ратификува од сите 29 земји членки, по што Македонија ќе стане формално полноправна членка. Но дотогаш ќе може да учествуваме во сите постапки и да дискутираме, но не ќе може да гласаме“, кажа Пендаровски.

    Формирањето на нова Државна изборна комисија (ДИК), која ќе треба да го организира референдумот за Договорот со Грција, за што ВМРО-ДПМНЕ се противи, за министерката за одбрана Шекеринска се моменти кога опозицијата треба да покаже политичка зрелост.

    „Свесни сме дека постојат можности за одлагање, и ние би сакале да ги избегнеме таквите ситуации, оти тоа е стратешки штетно за Македонија. Партиите што пред сите избори зборувале дека има политичка одлука за НАТО, се надеваме сега нема да заборават што кажале. Сега имаме шанса, кога постои поддршка во парламентот на Грција да се реши прашањето, оти по изборите кај нив не знаеме што ќе се случи, а тоа го знаат и во НАТО, така што на сите ни се брза. Македонија е мала земја, нема голем сила, и мора да даде впечаток дека ќе се држи на зборот“, рече Шекеринска.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира