ЈА ПРИМИВМЕ ПОРАКАТА, ЌЕ ИМА ЧИСТКИ, РЕЧЕ ЗАЕВ НА ИЗБОРНАТА ТРИБИНА ВО СКОПСКИ КАРПОШ

    ЈА ПРИМИВМЕ ПОРАКАТА, ЌЕ ИМА ЧИСТКИ, РЕЧЕ ЗАЕВ НА ИЗБОРНАТА ТРИБИНА ВО СКОПСКИ КАРПОШ„Граѓаните јасно и гласно, на најелегантниот демократски начин ни кажаа - Aло менувај таму нешто оти не ти чини работата“, рече премиерот Заев.-Заев и Пендаровски на вчерашната прес-конференција по објавување на резултатите од првиот изборен круг.(Фото: Ѓ.Личовски)

    Граѓаните ни испратија порака дека има незадоволство од централната и локалната власт, таа порака ја примивме и ќе има чистки, рече вечерва премиерот Зоран Заев на трибината на претседателскиот кандидат на СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски во скопската општина Карпош.

    По првиот круг за претседателските избори кандидатот на СДСМ Пендаровски освои само 4.500 гласови повеќе од кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска-Давкова. Заев, Пендаровски и вицепремиерката Радмила Шекеринска кои говореа на трибината кажаа дека тесната разлика им е јасна порака од граѓаните дека се незадовлни од власта.

    „ Важно е дека ја добивме пораката, дека граѓаните го поддржуваат концептот заедно и напред, ама одлучиле да седат дома во првиот круг оти има незадоволство од функционери од централната и од локалната власта. И таа порака еве јас како прв меѓу еднаквите ја примив. И не само што ја примив туку и возвраќам, секако дека ќе има чистки и секако дека ќе расчистиме. Отворено зборуваме, не се закануваме, но видовме дека некаде нема капацитет да се прими честа дадена од народот да му се служи. И тоа јасно и гласно ни го кажаа граѓаните на најелегантниот демократски начин. Ни кажаа ‘Aло менувај таму нешто оти не ти чини работата”“, рече премиерот Заев.

    Тој кажа дека промените ќе се случат веднаш по завршување на претседателските избори оти според закон за време на изборен циклус не може да се менуваат и поставуваат нови функционери.

    На трибината Заев, Пендаровски и Шекеринска кажаа дека гласот за кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска-Давкова е глас за режимот и враќање на Никола Груевски. Повикаа на масовна излезност во вториот изборен круг на 5 мај.

    Во првиот круг од претседателските избори Стево Пендаровски освои 323.628 гласови, Гордана Силјановска-Давкова 319.082, а Блерим Река 79.910 гласови.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира