Министерот за здравство Венко Филипче ја разгледува можноста тимот од детска кардиохирургија, кој сега функционира во рамки на Клиниката за детска хирургија да се префрли во една од приватните болници. Министерот вели дека се разгледува опцијата за јавно-приватно партнерство со приватната болница на д-р Жан Митрев, за да се искористи добриот инфраструктурен капацитет што го има болницата, а при тоа пациентите да ја добијат потребната услуга како и на Детска кардиохирургија.
„Станува збор за јавно-приватно партнерство со целосно преземање на сите вработени во тимот за детска кардиохирургија. Идејата е да се обезбедат подобри услови, оти сега работат на Клиника за детска хирургија. Многу често се пополнуваат капацитетите, а детската кардиохирургија бара целосно користење на салите. Размислувавме да ги префрлиме на Кардиохирургија за возрасни, но тоа бара дополнителни инвестиции и дополнителна опрема. Таа инфраструктура постои во приватните болници и сега се разгледува можноста дали може да развиваме таков проект на приватно-јавно партнерство“, вели Филипче.
САКАМДАКАЖАМ.МК дознава и дека и четворица педијатри од Клиниката за детски болести се подготвуваат да заминат во приватни болници.
„За докторите кои сакаат самоиницијативно да заминат, разговарав со нив и искрено се надевам дека ќе останат. Верувам дека ќе останат во јавно здравство со зголемувањето на платите што го најавуваме за наредната година“, рече Филипче.
Тој вели дека буџетот, односно средствата кои ги одвојува Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) за детска кардиохирургија, ќе биде ист како и сега што се плаќа на Клиниката за детска хирургија.
„Буџетот останува ист. Се превземаат сите вработени. Никој нема да остане без работа и значително ќе се подобруваат условите. Ако одиме во таа насока задолжително ќе се вклучи странски експерт, за да обезбедиме не само наши деца да не одат во странство, туку тоа да стане детски кардиохируршки центар. Нашите лекари и сега сѐ уште работат со експерти од странство. Врз работата на Клиниката за детска хирургија тоа нема да се одрази, бидејќи овој тим исклучиво работи само кардиохирургија. Дополнително е што интензивната нега што ја користеше детската кардиохирургија, ќе ја користи само детска хирургија“, вели Филипче.
Детската кардиохирургија на Клиниката за детски болести беше воведена пред шест години, кога тим американски лекари предводени од д-р Вилијам Новик заедно со македонските хирурзи ги почнаа првите операции на бебиња до едногодишна возраст. Со тимот за детска кардиохирургија, кој го предводи д-р Владимир Чадиковски, низ годините работеа повеќе странски доктори и професори, а во моментов со нив работат хирурзи од Србија. Д-р Чадиковски во моментов е единствен лиценциран македонски детски кардиохирург. Според последните податоци, на Клиниката за детска хирургија досега се направени над 300 кардиохируршки операции на деца.
Е. БОЧВАРОСКА