ЈАНАКИЕСКИ ПРЕМЕСТЕН ВО КУЌЕН ПРИТВОР ОД ЗДРАВСТВЕНИ ПРИЧИНИ,  СО ОДЛУКА НА АПЕЛАЦИОНИОТ СУД СКОПЈЕ 

    ЈАНАКИЕСКИ ПРЕМЕСТЕН ВО КУЌЕН ПРИТВОР ОД ЗДРАВСТВЕНИ ПРИЧИНИ,  СО ОДЛУКА НА АПЕЛАЦИОНИОТ СУД СКОПЈЕ Ги ценевме фактите и поднесената медицинска документација, според која Јанакиески има неколку здравствени проблеми поради кои во моментов не може да продолжи да биде во истражниот затвор, вели судијката Цветанка Периќ, претседател на Кривичниот совет на Апелациониот суд Скопје. (Фото: СДК.МК)

    Ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески поради здравствени причини вечерва е пуштен од затворот Шутка и спроведен во куќен притвор. Одлуката, како што изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК судијката Цветанка Периќ, претседател на Кривичниот совет на Апелациониот суд Скопје, била донесена доцна попладнево, а била по жалба на Јанакиески на мерката притвор од Основниот суд Скопје за предметот „Шпански скали“.

    „Советот донесе одлука Јанакиески да добие мерка куќен притвор, од здравствени причини. Советот ја донесе одлуката доцна попладнето. Ги ценевме фактите и поднесената медицинска документација, според која Јанакиески има неколку здравствени проблеми поради кои во моментов не може да продолжи да биде во истражниот затвор“, ни изјави Периќ.

    Јанакиески беше притворен на 29 јуни по барање на Обвинителство за организиран криминал и корупција во истрагата „Шпански скали“. Судија на претходна постапка им определи 30 дена притвор на Јанакиески и на уште седуммина осомничени, кои беа уапсени за незаконска продажба на државно земјиште со што ја оштетиле државата за над 2,7 милиони евра. Останатите двајца осомничени добија мерки на претпазливост.

    На 2 јули беше објавено дека Јанакески одбивал да ја прими затворската храна, но немаше немаше официјален став дали почнал штрајк со глад, или ја одбива само храната од затворот. На 10 јули, Јанакиески, според болнички извори, се пожалил на болка во пределот на бубрезите, по што бил прегледан в болница од специјалист. Но, тој не нашол дијагноза и причина за да биде задржан Јанакиески на болничко лекување. Препорачал лекарски надзор во затворот во Шутка.

    Претходно, Јанакиески беше во притвор како обвинет за организација на нападот и насилствата во Собранието на 27 април 2017. Тој таму кратко поседе со Спире Ристовски, кој е обвинет за истото дело, но по инцидентот со обвинети од случајот „Диво насеље“, Јанакиески доби куќен притвор, а Ристовски остана во Шутка. Јанакиески е обвинет и во неколку предмети на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира