ЈАНЕВА Е ЖРТВА ЗАТОА ШТО, ЗА РАЗЛИКА ОД ОВА ОБВИНИТЕЛСТВО ГЛЕДАШЕ ЛИБЕРАЛНО НА ПРИТВОРОТ, ВЕЛИ АДВОКАТОТ ПАВЛЕСКИ

    ЈАНЕВА Е ЖРТВА ЗАТОА ШТО, ЗА РАЗЛИКА ОД ОВА ОБВИНИТЕЛСТВО ГЛЕДАШЕ ЛИБЕРАЛНО НА ПРИТВОРОТ, ВЕЛИ АДВОКАТОТ ПАВЛЕСКИСтеван Павелески, поранешен републички јавен обвинител е бранител на обвинети токму во случаи кои ги водеше Специјалното јавно обвинителство - Павлески и Јанева при нејзиното појавување пред Обвинител за организиран криминал во вторникот 20 август (Фото: К. Попов)

    Адвокатот  Стеван Павлески пред Основниот суд Скопје 1 изјави дека е изненаден што истрагата за „Рекет“, во кој веќе се осомничени Бојан Јовановски-Боки 13 и Зоран Милески, познат како Кичеец е проширена врз специјалната обвинителка Катица Јанева.

    „Јанева е човекот кој гледаше либерално на притворот. Таа е единствената која дозволуваше куќен притвор, враќање на патните исправи… Погледнете ги одлуките на Одделението за организиран криминал – тие немаа такво искуство. Ете тоа некој го зема за зло. Таа е жртва во случајот и ќе го докажеме тоа“, рече Павлески.

    Павлески кажа дека е „хумано да ѝ се дозволи на Јанева да замине уште вечерва во Гевгелија“, откако беше објавено дека починала нејзината мајка. „Тоа дури и не треба да го бара адвокат, тоа се подразбира“, рече Павлески.

    Стеван Павелески, поранешен републички јавен обвинител е бранител на обвинети токму во случаи кои ги водеше Специјалното јавно обвинителство со кое до денеска шефуваше неговата нова клиентка Јанева. Тој е адвокат на Љупчо Георгиевски, обвинет во случајот на СЈО „Траекторија“ за кинеските провизии и на газдата на „Пелистерка“ Цветан Панделески, осомничен заедно со Орце Камчев во предметот на СЈО „Империја“.

    Обвинителката за организиран криминал и корупција Вилма Рускоска побара притвор за Јанева.

    Специјалната обвинителка е осомничена дека ја злоупотребила службената положба и овластувањата и засега, е откриено дека за незаконските дејства околу помагањето на осомничениот Орце Камчев во нејзината истрага за „Империја”, наплатила од него мебел во вредност од околу 5.000 евра.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира