Тимови на Специјалното јавно обвинителство во смени работат во Управата за безбедност и контраразузнавање, каде влегоа вчера во 11 часот со судска наредба да преземат документација поврзана со прислушувањето, кое е предмет на повеќе постапки на СЈО. Обвинителите и истражителите на СЈО со судска наредба од УБК ги бараат решенијата за сите посебни истражни мерки издадени од 2008 од 2015 година и разговорите кои ги има УБК снимено во тој период, но, како што кажаа од СЈО во повеќе наврати, наишле на опструкции од страна на директорот на УБК Владимир Атанасовски, кој одбива да соработува.
„Поминаа 12 часа и знаеме дека јавноста е заинтересирана како одговара УБК на нашите барања. Тапкаме во место, дискутираме, дебатираме, но се уште сме на мртва точка. Но, не се откажуваме, ќе бидам тука додека можам физички да издржам, а во СЈО направивме распоред за дежурства на обвинители и истражители, кои ќе останат во просториите на УБК се до спроведувањето на судската наредба“, изјави Јанева во еден часот по полноќ, најавувајќи дека ако е потребно ќе остане до јануари, но податоците ќе ги добие.
Директорот на УБК Атанасовки вели дека застојот е последица на технички причини и не зависи од нив, туку од операторот на системот, кој, како што кажа директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, не е во сопственост на МВР или на УБК, туку на операторот и само овластено лице од него може да пристапи до тој систем.
„Ќе постапиме по судската наредба, но тоа треба да биде во согласност со позитивните законски прописи. Тоа значи да нема прекин во активните посебни истражн мерки. Во судската наредба што ја достави СЈО, претставникот на операторот не може да гарантира, не може да ги оддели, фактички, активните од досегашните завршени ПИ мерки. Тука се судривме, договорено е со претставникот на операторот да испратат нивни експерти и во наредниот период од неколку дена, не зависи тоа од УБК, туку директно од операторот, тоа ќе се надмине“, изјави ноќеска Атанасовски.
Обвинителката Ленче Ристовска, која ја придружуваше Јанева, кажа дека СЈО е разочарано од капацитети на УБК.
„Од нашето досегашно постапување, на нашата голема жалост, УБК немаше ниту волја да постапи по наредбата и манифестира недостаток на технички и човечки капацитети за исполнување судска наредба. Не би сакале да инсинуираме дали е тоа намерно или не е. Единствено сме разочарани од тоа што со ваков тип на институција се соочуваме со ситуација на немање на човечки и технички капацитети да се реализира судска наредба. Веќе подолг период сме тука и тапкаме во место, нема никаков напредок во однос на одземање на податоците кои се предмет на судската наредба. Товарот за спроведување на законските прописи и она што судот го предвидел е на страна на УБК и тие треба како надлежна институција да ги обезбедат сите услови за ние да можеме да ја спроведеме наредбата“, рече Ристовска.
Вчера попладне, специјалната јавна обвинителка рече дека морале да побараат судски налог за претрес затоа што од 8 март годинава во УБК одбивале да соработуваат. Таа рече дека во мандатот на СЈО е да се открие дали прислушувала УБК или странски служби и затоа СЈО побарало да ги преземе сите посебни истражни мерки, сите имиџи и разговори кои УБК ги има снимено во периодот од 2008 до 2015 година.
„Соработката оди тешко, одбива директорот на УБК да постапи. Во исто време тука е и, не знам по кој основ, директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, а и други полициски службеници доаѓаат, за кои не знаеме кои се“, изјави вчера попладне Јанева.
СЈО вчеравечер повторно се огласи со соопштение дека соработката оди тешко и дека директорот на УБК Владимир Атанасовски, директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, и дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Оливер Андонов oдбивале да соработуваат и да ги дадат потребните докази.
За денеска во 11 часот, СЈО најави прес-конференција на која, според соопштението од завчера, ќе отвори два нови случаја.