Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева се задржа помалку од час на распит во Обвинителството за организиран криминал и корупција како третоосомничена во случајот „Рекет“, по што беше вратена во затворот во Шутка. Таа, според неофицијални извори од обвинителството, се бранела со молчење.
Нејзината адвокатка Ирена Фрчкоска по распитот кажа дека Јанева ќе го искористи правото лично да врши увид во доказите против неа и дека тоа ќе се случи в четврток. Фрчкоска рече и дека со завршувањето на истрагата отпаѓа можноста нејзината клиентка да влијае на сведоци и ќе побара од судот да биде пуштена од притвор.
- БОКИ 13 НЕЈЌЕ ДА ДАДЕ ИСКАЗ ПРЕД РУСКОВСКА, САКА ПРВИН ДА ГИ ВИДИ ДОКАЗИТЕ ПРОТИВ НЕГО
- ЈАНЕВА ДОБИЛА МЕБЕЛ ОД 5.000 ЕВРА ЗА ДА ЈА ЗАПРЕ ПОСТАПКАТА ПРОТИВ КАМЧЕВ, РУСКОСКА БАРА ПРИТВОР ЗА НЕА
Јанева е во притвор од 21 август, кога беше уапсена за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластувања. Вчера, на распит кај Вилма Рускоска, шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција, беше Бојан Јовановски-Боки 13, кој, исто така, одби да даде исказ пред да ги види доказите против него.
Од Обвинителството за организиран криминал и корупција вчера соопштија дека истражната постапка за осомничените лица е завршена и почнува да тече рокот од 15 дена за увид во доказите и правото на одбраната да предлага докази во корист на осомничените.
Во притвор за случајот „Рекет“ е и второосомничениот Зоран Милески-Кичеец, кој беше уапсен на 15 јули, истовремено со Боки 13.
С. К. ДЕЛЕВСКА