ЈАПОНИЈА ДОНИРАШЕ РЕЧИСИ ПОЛОВИНА МИЛИОН ЕВРА ЗА МАКЕДОНСКОТО ЗДРАВСТВО, ОБРАЗОВАНИЕ И КОМУНАЛНИТЕ СЛУЖБИ

    ЈАПОНИЈА ДОНИРАШЕ РЕЧИСИ ПОЛОВИНА МИЛИОН ЕВРА ЗА МАКЕДОНСКОТО ЗДРАВСТВО, ОБРАЗОВАНИЕ И КОМУНАЛНИТЕ СЛУЖБИДонацијата се совпадна со 25 годишнината од воспоставување дипломатски односи. Договорите за грант ги потпиша амбасадорката Кеико Ханеда со министрите за здравство, образование и за локална самоуправа - (Фото: СДК.МК)

    Јапонија додели грантови за 9 проекти во шест региони во земјава во вкупна вредност од 431.885 евра по повод 25 годишнината од воспоставување на дипломатските односи меѓу двете земји. На приемот по повод годишнината што го организираше Амбасадата на Јапонија во Скопје беа потпишани грант договорите за мали проекти, кои годинава ги добиваат три јавни здравствени установи, три образовни институции и три јавни комунални претпријатија од шест региони.

    Од Амбасадата на Јапонија велат дека ова е најголема годишна сума од грант програмата за мали проекти за човекова безбедност, а сумата од 431.885 евра е за фискалната 2018 година.

    Грант од 50.013 евра доби општата болница во Кавадарци за за реновирање и опремување на педијатрискиот оддел, Здравствениот дом во Македонски Брод доби грант од 55.606 евра за реновирање на објектот, а Здравствениот дом Велес доби грант од 37.175,5 евра за набавка на две возила за транспорт на пациенти.

    Од областа на образованието грант од 54.894 евра за реновирање на објектот доби подрачната детска градинка „Цветови“ во Општина Штип, ОУ„Браќа Миладиновци“ од Добрушево во Општина Могила доби 54.325 евра за реновирање на училиштето, а ОУ „Гоце Делчев“ од село Долни Дисан во Општина Неготино доби грант од 30.463 евра за безбедно греење во подрачното училиште.

    ЈП„Комунален сервис“ од Валандово доби грант од 59.365 евра за набавка на ровокопач, ЈКП„Комуналец“ во Крива Паланка доби грант од 59.365 евра за набавка на специјализирано возило за отпад, а ЈКП„Солидарност“ од Виница доби грант од 29.054 евра за набавка на ровокопач.

    Договорите за грантови со амбасадорката на Јапонија Кеико Ханеда во име на јавните установи ги потпишаа министерот за здравство Венко Филипче, министерот за образование Арбер Адеми, министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу и заменик министерот за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар.

    Активната поддршка на Македонија преку грант програмата за мали проекти Јапонија ја почна само две години од воспоставување на дипломатските односи, а досега вкупната помош преку оваа програма изнесува 6,6 милиони евра. Преку оваа програма се реновирани или опремени повеќе од 66 училишта, 44 јавни здравствени институции и набавени се 27 специјализирани возила за јавни комунални претпријатија или противпожарни служби.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира