Водителката Лила Стојановска, блиска пријателка на обвинетиот Бојан Јовановски – Боки 13, сведочењето денеска во „Рекет“ го почна со тоа што кажа дека го познава, но веќе не се пријатели.
„15 години го знам, се скаравме 4 години, па се смиривме. Ми побара донација од 20.000 евра за ‘1тв’, му дадов да помогнам. Во август 2018 и позајмица од 500.000 денари му дадов на сметката на ‘БМЈ Медиа груп’, сопственикот на телевизијата. И никој мене не ми префрлил пари, па за јас да префрлам на телевизијата, тоа го кажав и во Обвинителството за организиран криминал. Јас сум му давала пари, а мене никој не ми уплатил“, одговараше на прашања Лила Стојановска.
Одговори и дека имале заеднички викенди, а класичен одмор планирале дента кога го уапсија. Планирале да одат на Миконос.
„Одморот го планираше Бојан. Кажа дека сè е организирано. Веројатно било платено однапред, не стигнав да дознаам. Јас си имам свои пари, си зедов со себе, не е должен мене никој да ме части. Веројатно ќе требаше потоа да се доплати, затоа си имав свои пари“, рече Лила Стојановска.
Бојан Јовановски немаше прашања за пријателката.
С. К. ДЕЛЕВСКА