Патронажните служби, заедно со социјалните служби и Црвениот крст наредниве два дена ќе ги посетат сите осамени постари лица, за да проверат дали имаат доволно лекови, храна и огрев. Ако немаат треба веднаш да ги снабдат со потребните продукти, за да бидат обезбедени за време на студениот бран што ќе ја зафати земјава од петок, најави денес д-р Јованка Косовска, претседател на Комисијата за студени бранови при Министерството за здравство.
Таа рече дека социјалните служби добиле задача да ги лоцираат сите бездомници и да ги соберат во посебни сместувалишта, каде има храна и облека, за да се избегнат трагични последици.
“Да се избегнуваат патувања низ државата ако е можно, бидејќи се очекуваат снежни наноси и по патиштата. Ако некому му треба помош, или забележи дека на некој друг му е потребна помош, може да се јави на 194 на Брза помош, на 195 во Центарот за управување со кризи или на 3139-678 бројот на Црвен Крст“, рече д-р Костовска.
Таа вели дека болниците и службите за итна медицинска помош добиле задача да обезбедат доволен број екипи, лекови, санитетски материјал и возила, за да можат навреме да интервенираат во случај на наплив на пациенти кои настрадале од студеното време. Центрите за јавно здравје заедно со подрачните единици на Центарот за управување со кризи треба да имаат кризни штабови за известување и помош на населението.
“За време на студениот бран, кој ќе почне од петок и ќе трае до понеделник, кога ќе имаме температури до -20, снег и смрзнат дожд, препорачуваме луѓето да седат дома. Ако веќе мора да излезат надвор, тоа да биде во периодот од 11 до 16 часот и надвор да престојуваат најмногу до час и половина. Да носат топла облека и обувки што не се лизгаат, за да се избегнат скршеници и други повреди од паѓање“, рече Костовска. Таа препорача хронично болните навреме да обезбедат терапија и редовно да ја земаат, а работодавачите да го прилагодат работното време за работниците на отворено.
“Во време на жолта фаза, кога температурата е до -20 степени, работниците може да работат на отворено, но на секои два часа работа, треба да има пауза од половина час во топла просторија со топли напитоци. Препорака да се ослободат бремените жени и хронично болните на возраст над 60 години ќе дадеме во портокалова фаза, односно ако температурите се спуштат под -20 степени целзиусови“, рече Костовска.
Управата за хидрометеоролошки работи на Македонија најави дека пообилни врнежи од снег се очекуваат в петок и дека на повисоките места ќе наврнат 50 сантиметри снег. Во Скопје се очекува снежна покривка од 10 до 15 сантиметри. Синоптичарите предвидуваат утринските температури да се движат од -22 до -10 степени, а најниска дневна температура се очекува в сабота, и таа ќе се движи од -12 до -6 степени.