КАБИНЕТОТ НА ВЕЉАНОСКИ ГО ЧУВААТ НАПАЃАЧИТЕ, ШЕФОТ НА НЕГОВОТО ОБЕЗБЕДУВАЊЕ ВАДИ ОД КАБИНЕТОТ ЛИЦЕ СО РАДИОВРСКА ВО РАКАТА, ПОКАЖАА СНИМКИТЕ НА СУДЕЊЕТО ЗА 27 АПРИЛ

    КАБИНЕТОТ НА ВЕЉАНОСКИ ГО ЧУВААТ НАПАЃАЧИТЕ, ШЕФОТ НА НЕГОВОТО ОБЕЗБЕДУВАЊЕ ВАДИ ОД КАБИНЕТОТ ЛИЦЕ СО РАДИОВРСКА ВО РАКАТА, ПОКАЖАА СНИМКИТЕ НА СУДЕЊЕТО ЗА 27 АПРИЛВо Основниот суд Скопје 1 продолжуваат да се прикажуваат снимките од собраниските камери. - Од судењето за 27 април (Фото: СДК.МК)

    Снимките од безбедносните камери во Собранието на денешното судење во Основниот суд Скопје 1 открија дека кабинетот на претседавачот Трајко Вељаноски не само што не го напаѓа толпата за време на организираниот напад на Собранието на 27 април лани, туку и го чува, додека таму воопшто и нема полиција.

    Во 20.29 часот специјалци влегуваат откај кабинетот на поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски кон прес-салата каде што се случи нападот на Заев, Села, други пратеници и новинари. Но, набргу се враќаат и се врткаат натаму-наваму, сè до 20.53 часот, кога пред кабинетот на претседавачот Трајко Вељаноски се испукуваат две шок бомби.

    Снимката од чадот се затемнува, но се гледа дека уште долго специјалците од МВР само стојат додека толпата стои пред вратата на Вељаноски, а со погледот е насочена кон малиот ходник кој води до прес-салата каде што со тврди и тешки предмети беа тепани пратениците од СДСМ на чело со лидерот Зоран Заев и каде што најтешко беше повреден пратеникот Зијадин Села.

    Од снимката пред холот Длаборез, кај што е кабинетот на претседателот на Собранието, се гледа дека до последно, толпата не влегува во кабинетот. Кај неговата врата има стотици луѓе, а нема полиција. Дури и началникот на неговото лично обезбедување, Горан Ѓошевски – Леви, еден од 33-цата обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, не е пред кабинетот, туку два часа во малиот ходник до вратата на Трајко, ги пречекува и зборува со обвинетите насилници кои пред неговите очи ги ставаа фантомките и трчаа кон прес- салата.

    Пред да интервенираат специјалците, Леви стои на истото место, што е токму под собраниската камера и цело време зборува со некого на мобилниот телефон.

    Полицијата во холот Длаборез, т.е. пред вратата на Вељаноски, влегува дури во 21.30 часот вечерта, да ја растера толпата оттаму и да ја истурка по скалите кон влезните собраниски врати.

    Дури по 21.30 часот обвинетиот Горан Ѓошевски влегува и излегува неколку пати во крајната десна врата од малиот ходник, која што е поврзана со кабинетот на претседателот на Собранието. По неколку влегувања, оттаму излегува со непознато лице со радиоврска во раката.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира