Онлајн свирки се прават низ кафеаните во Скопје. Иако со одлука на Влада по препорака на Комисијата за заразни болести во угостителски објекти е забранета жива музика, кафеанџиите најдоа начин како да прават забави. Пејачите наместо да свират во кафеаната, од дома прават концерт, а се поврзани преку онлајн врска и звучници од кои ечи музика. Гостите го гледаат пејачот на неколкуте смарт телевизори поставени низ локалот, а тој пак од дома на својот телефон или лаптоп. Преку пораки менаџерот на кафеаната му испраќа нарачки со песни од гостите, а потоа тој ги исполнува желбите – ‘Следната песна е специјален поздрав за Благица“, ‘Поздрав за највеселата маса денеска‘, ‘Одиме сега со нешто весело‘…
Атмосферата во кафеаните кои ги посети екипа САКАМДАКАЖАМ.МК е како пред почетокот на пандемијата на ковид-19. Во четврток, петок и сабота не може да се најде слободна маса, резервации се прават неколку дена однапред, а забавата почнува од 17 часот бидејќи работното време е до 21 часот. После 19 часот атмосферата се вжештува, гостите почнуваат да играат и да се веселат, исто како кафеанските вечерни излегувања пред пандемијата.
Во голем број кафеани не се почитуваат ниту протоколите за работа. Масите наместо да се раздалечени метар и половина, се доближени една до друга толку близу што не може да се помине меѓу нив. Не се почитува ниту протоколот на една маса да седат по 4 лица бидејќи се одалечени една од друга само неколку сантиметри. Ретко кој затвора во 21 часот, газдите ја заклучуваат влезната врата и гостите слободно си седат.
Директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски вели дека во однос на онлајн свирките не можат да интервенираат и да го казнат газдата на кафеаната бидејќи тоа се третирало како електронски пренос на звук. Но, додава Пауновски може да се реагира за непочитување на протоколи.
„Секоја вечер сме на терен и постојано затекнуваме угостителски објекти за непочитување на протоколи или работно време, на кои им изрекуваме забрана за работа. Еве во четвртокот затекнавме кафеана во Скопје како нормално си работеше и во 23 часот, полна со гости и плус пејачка“, вели Пауновски.
Од 21 јануари угостителските објекти работат до 21 часот откако пред Нова година со цел да не се прават новогодишни забави, работното време им беше скратено до 18 часот. Угостителите бараат да работат до 23 часот, но засега Владата ја почитува препораката на Комисијата за заразни болести и не дозволува да биде продолжено работното време.
Вчера протест во Скопје и неколку други градови имаа сопствениците на ресторани за свадби, ноќни клубови, пејачи и музичари кои бараат Владата да им дозволи да почнат да работат под одредени протоколи.
А. АНТЕВСКА