Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска кажа дека никој од официјалните државни претставници и никаде не изјавиле или кажале говор на омраза кон Бугарија, а оцени дека токму Софија е влезена во многу опасен наратив, кој е спротивставен со стратешките интереси на ЕУ и на НАТО.
„Сакам да ја повикам Софија да се однесува рационално, да не биде заглавена во ретроградните наративи кои што, за жал, одредени кругови во таа држава ги граделе по однос на македонското прашање историски наназад. Ние не сме избрани од нашите граѓани и немаме легитимитет да ја судиме и анализираме, тоа е работа на историчарите и академиците. Ние сме избрани да носиме раст и развој. Она што го прави Софија во последниот период, оној експлицитен обид од кој стравуваме и со сите наши силе се спротивставуваме за редефинирање на нашиот идентитет, е ретроградно и не му користи на регионот и на народите на двете земји“, кажа Муцунски на денешната презентација на сработеното за една година од мандатот.
Како земја со статус кандидатка за ЕУ, рече, нашата држава прави сè што може да развие еден реален дискурс во рамките на сите европски институции за создавање свест за она што ѝ се правело повеќе од 30 години, а и свест за контекстот за тоа што ѝ се прави сега.
Изминатиот период пред на 24 јуни да се гласа за извештајот во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ), бугарските европратеници заради политички притисок заедно со европратеници на германската демохристијанска ЦДУ поднесоа неколку амандмани со кои сакаа пред македонскиот јазик да биде вметнат зборот „модерен“ алудирајќи дека тој е новосоздаден, модерен/сегашен јазик. Откако завчера Комитетот ги одби тие амандмани и го изгласа извештајот, тие најавија дека ќе ги поднесат на пленарната седница на Европскиот парламент, од 7-10 јули, кога треба конечно да се усвои извештајот.
Муцунски смета дека изгласувањето на Извештајот за напредокот на Македонија во АФЕТ е историски момент, но не и момент за триумф, и оти не се знае каков ќе биде извештајот што ќе биде усвоен во Европскиот парламент.
„Тука треба да бидеме искрени, и затоа тоа го кажав претходно. Ние не сме земја членка на ЕУ. Како што не сме претставени во извршниот дел на ЕУ, тука мислам извршни надлежности помеѓу Советот и Комисијата, така не сме претставени и во законодавниот дел. Знаеме добро, немаме европратеници внатре. Но, истовремено факт е дека имаме комуникација со многу наши пријатели, пријатели на регионот, пријатели на Европа, бидејќи секој којшто сака успех на нашиот пат кон полноправно членство, е пријател на Европа, рече министерот за надворешни работи и надворешна трговија и најави лобирање од него, премиерот и Валадата.
Додаде дека не е мала работа таквиот изгласан извештај на својата прва скала, но постои пленум на кој што треба да се дискутира за тоа.
„Наше е да продлжиме со нашите јасни ставови, за да никој, и во рамките на ЕУ нема дилеми околу нашите позиции. Да зборуваме за каква би била штетата ако се дозволи ЕП да навлезе во процес на создавање на нов македонски идентитет, ‘модерен’ македонски идентитет, и колку самиот тој чин не е соодветен за самата ЕУ, односно сето она зад кое таа стои ако ѝ ги погледнете нејзините оснивачки договори, дејствијата што таа постојано ги презема за почитување на различностите, за почитување на различните идентитетски обележја и културолошки разлики коишто ги има во рамките на Унијата“, рече Муцунски.
С. К. ДЕЛЕВСКА