КАКО АМЕРИКА НА ИЛЈАДНИЦИ КИЛОМЕТРИ ОД ТУКА ВИДЕЛА КОРУПЦИЈА КАЈ МЕРКО, А НАШИТЕ ИСТРАЖНИ ОРГАНИ НЕ ГЛЕДААТ, ПРАША ПРЕМИЕРОТ КОВАЧЕВСКИ

    КАКО АМЕРИКА НА ИЛЈАДНИЦИ КИЛОМЕТРИ ОД ТУКА ВИДЕЛА КОРУПЦИЈА КАЈ МЕРКО, А НАШИТЕ ИСТРАЖНИ ОРГАНИ НЕ ГЛЕДААТ, ПРАША ПРЕМИЕРОТ КОВАЧЕВСКИПрашан како ќе се однесува советничката група на СДСМ во Општина Струга, по одлуката на Стејт Департментот, Ковачевски рече дека сите советнички групи треба добро да размислат како ќе продолжат понатаму. (Фото: Влада)

    Премиерот Димитар Ковачевски вели дека македонските истражни и правосудни органи треба да се запрашаат како САД дошле до информации дека градоначалникот на Општина Струга Рамиз Мерко е вмешан во значајна корупција, а тие не дошле до такви податоци изминативе години.

    Американскиот Стејт Департмент вчера го стави Мерко од ДУИ на црна листа за влез во САД поради тоа што е вмешан во значајна корупција и се мешал во судски процеси.

    „Наводите кои што се наведени како основ за ставање на црна листа на градоначалникот на Струга и неговото семејство се сериозни. Се работи за неколку основи и од тоа пораката е дека нашите институции, зборувам за истражните и правосудните органи, треба да ги испитаат наводите кои што се наведени во самото соопштението на Стејт Департментот. Исто така тие треба да се запрашаат како тоа САД дошле до такви информации на кои што ја базирале својата одлука, а се наоѓаат на неколку илјади километри од тука, а нашите органи не дошле до такви податоци во текот на сите изминати години. Ова само уште еднаш потврдува дека на нашиот истражен и правосуден систем му треба генерален ремонт со оглед на тоа дека сакаме да живееме во европска држава“, кажа Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање за време на настанот по повод доделување на социјални станови на семејства во Виница.

    Прашан како ќе се однесува советничката група на СДСМ во Општина Струга, по одлуката на Стејт Департментот, Ковачевски рече дека сите советнички групи треба добро да размислат како ќе продолжат понатаму.

    „Во однос на правните и на етичките аспекти во однос на мандатот на градоначалникот на Струга, тој ќе мора да одговори на тоа прашање, бидејќи е тој избран функционер на непосредни избори. Во однос на динамиката на советничките групи во Општина Струга, сите треба добро да размислат како ќе продолжат понатаму, со оглед на наводите што се наведени, бидејќи сите тие се избрани од граѓаните да ги штитат и унапредуваат правата на граѓаните“, кажа Ковачевски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира