КАКВА ВРСКА ИМА ШТО БИЛЕ ТАТКОВЦИ ЗА ДА ИМ СЕ НАМАЛИ КАЗНАТА ПОД ЗАКОНСКИОТ МИНИМУМ, ФАТИМЕ ФЕТАИ ПРЕД АПЕЛАЦИЈА БАРА ПОВИСОКИ ЗАТВОРСКИ КАЗНИ ЗА АЛИМИ И ГУРИ ОД ДУИ

    КАКВА ВРСКА ИМА ШТО БИЛЕ ТАТКОВЦИ ЗА ДА ИМ СЕ НАМАЛИ КАЗНАТА ПОД ЗАКОНСКИОТ МИНИМУМ, ФАТИМЕ ФЕТАИ ПРЕД АПЕЛАЦИЈА БАРА ПОВИСОКИ ЗАТВОРСКИ КАЗНИ ЗА АЛИМИ И ГУРИ ОД ДУИПрвостепено осудениот Ејуп Алими кога ги преправал изборните резултати имал 33, а сега 40 години. Ниту е ниту млада личност, ниту пак влегува во категорија на лица во поодминати години, за нешто со право да им биде олеснето, наведува Фетаи во жалбата. (Фото:СДК.МК)

    Обвинителката во „Титаник 3“ за изборни нерегуларности Фатиме Фетаи во поднесената жалба до Апелациониот суд се противи на ниските казни од по три ипол години затвор против поранешниот координатор на пратеничката група на ДУИ Ејуп Алими и сопартиецот Исмет Гури, кога за делото за кое првостепено се осудени, пропишана е минимална казна од пет години.

    Иако законот дава можност при олеснителни околности минимумот да се намали за некој месец, година, таа се жали на причините за одењето длабоко под минимумот: возраста на осудените и семејниот статус, што според неа немаат никаква врска и не се олеснителна околност во делењето правда.

    Во жалбата, Фетаи наведува дека првостепениот суд правилно ја утврдил фактичката состојба и ги казнил обвинетите, но се противи на неоправдано смалените казни.

    „Во образложението на пресудата се наведува дека Гури имал 56 години и 3 полнолетни деца, а Алими 40 години и три малолетни деца и тоа е сè што е наведено како олеснителна околност“, потенцира Фетаи во жалбата.

    Потоа потсетува дека Гури во време на извршувањето на делото имал 49 години, а на првостепената пресуда 56. Алими кога ги преправал изборните резултати имал 33, а сега 40 години.

    „Ниту еден од нив не е ниту млада личност, ниту пак влегува во категорија на лица во поодминати години, за нешто со право да им биде олеснето. Тие биле и уште се социјално зрели личности, потполно свесни за постапките што ги направиле и последиците што произлегле од нив. Оттаму произлегува дека единствена олеснителна околност им е што се родители на по три деца, која и да биде земена предвид, тежи многу помалку на вагата на сите околности кои треба да бидат измерени, ценети, за да се стигне до една праведна санкција“, се наведува во тужбата.

    Фетаи бара од Апелациониот суд да ги види списите со однесувањето на Ејуп Алими особено на судењето и да обрне внимание дека во ниеден дел со Гури не покажаа каење за делото што го сториле. Во жалбата наведува дека со првостепената казна нема гаранција дека тие нема да го повторат кривичното дело.

    Апелациониот суд деновиве ќе одлучува по жалбата на Фетаи, но и по оние на Гури и Алими, кои се изјаснија дека не се виновни и ги спорат сите докази на обвинителството.

    „Предметот е во работа кај судијата-известител. Наскоро ќе биде одлучен“, одговорија за САКАМДАКАЖАМ.МК од Апелациониот суд Скопје.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира