КАКВИ ОРГАНИЗАТОРИ СЕ ВЕЉАНОСКИ, ЈАНАКИЕСКИ И РИСТОВСКИ, КОГА ОД 30 ИЛЈАДИ ИЗВАДЕНИ ПОРАКИ, НЕМА КОМУНИКАЦИЈА МЕЃУ НИВ, ПРАША ОДБРАНАТА ВО ЗАВРШЕН ЗБОР ЗА 27 АПРИЛ

    КАКВИ ОРГАНИЗАТОРИ СЕ ВЕЉАНОСКИ, ЈАНАКИЕСКИ И РИСТОВСКИ, КОГА ОД 30 ИЛЈАДИ ИЗВАДЕНИ ПОРАКИ, НЕМА КОМУНИКАЦИЈА МЕЃУ НИВ, ПРАША ОДБРАНАТА ВО ЗАВРШЕН ЗБОР ЗА 27 АПРИЛЕленко Миланов, адвокатот на обвинетите Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески и Спире Ристовски, на денешните завршни зборови. (Фото: МИА/принтскрин)

    Прв завршни зборови за случајот „Организатори на упадот и насилствата во Собранието” денеска во Основниот кривичен суд Скопје даде адвокатот на обвинетите Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески и Спире Ристовски. Обвинети се уште и ексдиректорот на УБК Владимир Атанасовски, како и избеганите Никола Груевски и Никола Бошкоски од УБК, кој на 27 април 2017 година донел оружје во гепек пред Собранието.

    „Уставниот поредок пред 27 април 2017 година е парламентарна демократија. И по овој датум е парламентарна демократија. Не постои друг систем. Затоа, овој прв и основен дел од обвинението: Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, што им се става на товар на овие обвинети овде, не е исполнет. Ниту со пожар, ниту со експлозии, или општо опасно дејствие, што е услов за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, нема загрозување. Овие обвинети не направиле такво нешто”, рече адвокатот Еленко Миланов.

    Одејќи по завршните зборови на обвинителката Вилма Русковска, адвокатот забележа дека неговите клиенти се обвинети за план за насилство.

    „Конкретно за Вељаноски, во завршниот збор обвинителката Вилма Русковска кажа дека улогата му била да спречи мирно примопредавање на власта. Каде гледате тука акт на насилство? Натаму, вели улогата на Ристовски била дека ги организирал групите со акт на насилство да го спречат изборот. Но, каде има тука насилство од Ристовски? Каде има насилство од него?”, праша одбраната.

    Овие обвинети заедно со Груевски и Бошкоски, кои се недостапни, создале план за насилство, продолжи адвокатот да се спротивставува на квалификацијата “насилство”.

    „Да ги расчлениме луѓето: Вељаноски воопшто нема комуникација со обвинетиот Владимир Атанасовски, ниту со Никола Бошкоски. Триесет илјади пораки беа извадени од мобилниот на Вељаноски, ниедна комуникација нема со овие двајца. Вељаноски и Јанакиески во овој критичен период, немаат апсолутно никаква комуникација. Тоа се виде и од листинзите од телефонот на Јанакиески”, рече Миланов.

    За разлика од Русковска, која за сите обвинети даде кус завршен збор од околу еден час, цитирајќи дури и сведоци на обвинетите , одбраната и обвинетите пред судијата Иле Трпков ќе зборуваат цели два дена, што е нивно право.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира