КАМЧЕВ ГИ ИСПОФАЛИ ЗАЕВ И ШЕКЕРИНСКА, ПОТОА И РУСКОВСКА, ЖАЛИ ШТО БОКИ 13 ЗЛОУПОТРЕБУВАЛ ПОЛИТИЧАРИ ОД СДСМ

    КАМЧЕВ ГИ ИСПОФАЛИ ЗАЕВ И ШЕКЕРИНСКА, ПОТОА И РУСКОВСКА, ЖАЛИ ШТО БОКИ 13 ЗЛОУПОТРЕБУВАЛ ПОЛИТИЧАРИ ОД СДСМДиректорот на УБК Горан Николовски ми кажал на Камчев сѐ што има да пријави и да однесе кај обвинителката за организиран криминал Вилма Русковска. - Сведокот Орце Камчев и обвинителката Вилма Русковска на денешното судење за „Рекет“ (Фото: К. Попов)

    Во продолжението на денешното сведочење на бизнисменот Орце Камчев, кој тврди дека истрагата „Империја“ против него била конструирана за да го рекетираат Бојан Јовановски-Боки 13 и Катица Јанева, тој кажа како се охрабрил случајот да го пријави лично кај премиерот Зоран Заев.

    Откако претходно на сведочењето на „Рекет“ кажа дека случајот првин го пријавил не во УБК, туку кај тогашниот директор Горан Николовски, на кого му кажал дека ќе го снима давањето милион евра на Бојан Јовановски, Камчев рече:

    „Се јавив директно кај премиерот Заев. Побарав да ме прими во неговиот кабинет, отидов и раскажав какви снимки имам, како ме рекетираат Јовановски и Јанева. Ме ислуша. Човекот беше запрепастен. Ми рече ‘остави ме два дена, шокиран сум‘. По два дена се јави и ми кажа сѐ што имам да пријавам и да однесам кај обвинителката за организиран криминал Вилма Русковска“.

    Потоа тој рече дека Јовановски злоупотребувал 95% од актуелните политичари, покажувајќи фотографии со нив, а тие немале врска со неговата криминална шема. За вицепремиерката Радмила Шекеринска Камчев рече дека и таа била злоупотребена, така што Боки 13 му покажувал фотографија со неа, за да му се закани дека е близок и со неа и треба да ги даде парите.

    „Се разбира, не потпаднав под тоа. Не поверував, ја знам жената, не е таква“, кажа Камчев.

    Потоа откри како Боки 13 и Сергеј Варошлија го малтретирале и уредникот во „1ТВ“, Ацо Кабранов. Ноќе му се јавувале со мутирани гласови да му се закануваат, го терале да пријавува во полиција, за на крај Јовановски да излезе негов спасител. Со ова, рече Камчев, сакам да кажам каква маша телевизија беше неговата „1ТВ“.

    Во вкрстени прашања, Камчев беше прашан каков совет му дал директорот на УБК за приватните видео и аудиоснимки што ги правел од куќен притвор.

    „Горан ми даде совет да ги зачувам сите хард дискови во оригинал, како и сите уреди што се користени во снимањето додека бев во куќен притвор. Ми рече да ѝ ги дадам на обвинителката Русовска, зашто само таа може да ја разоткрие криминалната шема и да ги гони кривично Јовановски, Јанева и останатите актери во ‘Рекет‘“, рече Камчев.

    Сведочењето уште трае.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари