КАСАМИ ДОЈДЕ НА ЛИДЕРСКАТА СРЕДБА КАКО ПРЕТСТАВНИК НА АЛБАНСКАТА ОПОЗИЦИЈА

    КАСАМИ ДОЈДЕ НА ЛИДЕРСКАТА СРЕДБА КАКО ПРЕТСТАВНИК НА АЛБАНСКАТА ОПОЗИЦИЈАДвете опозициски партии на Албанците, Алијансата за Албанците на Зијадин Села и тетовското крило на Движењето Беса имаат по двајца пратеници. - Билал Касами пристигнува во Клубот на пратеници (Фото: К. Попов)

    Лидерот на тетовското крило на Движењето Беса Билал Касами дојде на денешната лидерска средба во Клубот на пратеници како претставник на албанската опозиција. Денешната лидерска средба се одржува во скусен формат на барање на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој ја напушти вчерашната лидерска средба во проширен состав.

    Двете опозициски партии на Албанците, Алијансата за Албанците на Зијадин Села и тетовското крило на Движењето Беса имаат по двајца пратеници и беше оставено на нив сами да одлучат кој ќе оди на лидерската средба.

    Покрај Касами, на лидерската средба за референдумот за договорот со Грција, присуствуваат премиерот Зоран Заев и вицепремиерката Радмила Шекеринска, лидерот на ДУИ Али Ахмети и вицепремиерот Бујар Османи и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски со Тања Каракамишева, член на извршниот комитет на партијата.

    Мицкоски ја напушти вчерашната лидерска средба во проширен состав, бидеjќи на неа не присуствувале сите партии што имаат пратеници во Собранието. Тој од Заев побара да закаже, како што рече, вистинска лидерска средба, на која ќе присуствуваат претставници од четири политички партии.

    „ВМРО-ДПМНЕ бара од премиерот Зоран Заев да организира вистинска лидерска средба на четири партии. Најголемата кај Македонците од власта, најголемата кај Албанците од власта, опозициската ВМРО-ДПМНЕ и најголемата опозициска партија кај Албанците“, рече Мицкоски, по напуштањето на средбата во Клубот на пратеници.

    Премиерот Заев го прифати барањето на Мицкоски и закажа лидерска средба за денеска напладне.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари