Народниот правобранител констатира кршење на правата на станари на улица Јордан Мијалков број 46 во Скопје од Центарот за катастар на недвижности – Скопје, кој селективно, на едни станари во истата зграда дал имотни листови, а другите ги одбива со години. За двојните аршини на оваа институција за станарите од истата зграда, при несменети закони и исти услови за добивање имотни листови за сите вкупно 50-ина сопственици на станови, Народниот правобранител ја информирал Агенцијата за катастар на недвижности на Република Македонија, но дисциплинска постапка против вработените кои на своја рака си давале имотни листови, нема.
Место да го истражи овој случај, на прашањата на САКАМДАКАЖАМ.МК зошто селективно се давани имотните листови во една иста зграда при исти правни околности, што ќе преземе Агенцијата и дали ќе ги казни или пријави овие вработени во Скопски катастар кај надлежните институции, Агенцијата бараше да ги откриеме граѓаните кои поднеле претставка кај Омбудсманот.
Да потсетиме, Народниот правобранител не го открива идентитетот на граѓаните кои се жалат и кои поднесуваат претставки во институцијата, освен ако подносителите не сакаат сами да излезат и дадат изјави за предметот на преставките.
Земјиштето на кое лежи оваа зграда од мај 2002 година е под хипотека, но петмина сопственици на станови, од вкупно 50-ина, успеале да добијат имотни листови во Скопскиот катастар. За останатите станари, и покрај тоа што си ги легализирале становите исто како и петтемина комшии, имотни листови нема. И покрај тоа што поднесувале елаборати до Катастар, тие се постојано одбивани.
Народниот правобранител ја повел иницијативата по претставка на станарка од зградата на улица Јордан Мијалков број 46, чие барање за имотен лист на станот што е во нејзина сопственост Скопскиот катастар го одбил неколку пати. Всушност, сите станари од оваа зграда – дивоградба ги легализирале своите станови и гаражи, користејќи ја можноста дадена во Законот за легализација на бесправно изградени објекти. Сега се соочуваат со неправда, бидејќи Скопскиот катастар на дел од станарите издал имотни листови, а на останатите не.
„За едните е мајка, за други маќеа“, велат тие.
Во март годинава Зоран Билбиловски, државен советник кај Народниот правобранител, го информирал Секторот за контрола и надзор во Агенцијата за катастар на недвижности на РМ за случајот, со барање внатрешната контрола да направи интерна истрага за нееднаквата и селективна постапка на вработени во Скопски катастар за овој случај. Според документите што ги добил на терен, Скопски катастар издал имотни листови на седум сопственици во зградата. Според Агенцијата за катастар, пак, дадени се пет имотни листови на станови во таа зграда.
А од Скопскиот катастар, пак, Омбудсманот побарал да му бидат доставени примероци од документацијата врз основа на која е извршено запишување на правото на сопственост на тие седум станови, копија од имотните листови и примерок од одлуката на Основниот суд Скопје 2 од 2002 година за времената мерка, хипотеката врз земјиштето на оваа зграда.
Агенцијата за катастар по еден месец испратила одговор со кој само потврдува дека Скопски катастар селективно дал имотни листови на пет сопственици на станови од таа зграда, без во дописот да наведе збор за тоа дали ќе го испита овој сомнителен случај. Поради тоа, Бибиловски на 18 мај се обратил до Секторот за внатрешна контрола во Агенцијата барајќи информација како и врз основа на што Центарот за катастар Скопје утврдил на кои станови се запишани товари (хипотека), а на кои не, и по кои закони се раководел за да издава имотни листови селективно.
На одбиените станари во оваа зграда – дивоградба, Скопски катастар им барал да достават изјави за согласност од Управата за јавни приходи и од извршителот, дека се согласни да се избрише хипотеката.
“Симптоматично е дека за тие што се запишани, за тие што добиле имотни листови, нема докази дека Катастар и ним им побарал таква согласност од УЈП и од извршителот, ниту пак доказ оти доставиле во Катастар такви изјави за согласност за бришење на хипотеката. Зошто за сите не постапил исто Скопскиот катастар, туку само на овие што се одбиени им барал согласност од УЈП и од извршител?“, посочува Билбиловски на неправилностите во работата на Скопскиот катастар.
Затоа, Народниот правобранител кон крајот на јуни пак побарал од Секторот за внатрешна контрола да направи увид во случајот, но Агенцијата за катастар за недвижности на РМ, испратила формален одговор.
“Место да го истражи случајот во Скопскиот катастар, Агенцијата за катастар испрати формален одговор во кој вели дека службените лица кои постапувале по пријавите за запишување на становите во Катастарот на недвижности, самостојно донеле потврди во рамките на дадените овластувања. Тоа е како службено лице во МВР самостојно во рамките на неговите овластувања да издаде нелегална лична карта и да не одговара за тоа. Агенцијата не кажува ни дали ќе ги открие, дали ќе ги казни тие вработени во Скопски катастар кои селективно впишувале имот во една иста зграда, ниту дали ќе ги пријави кај јавен обвинител“, вели државниот советник Зоран Билбиловски.
Дополнително, во истиот допис Агенцијата препорачува дека не таа, туку секој од тие незадоволни станари, можел да бара бришење на имотните листови на комшиите на кои им се издадени.
“Исто така, напоменуваме дека согласно член 238 од Законот за катастар на недвижности, секое лице кое има правен интерес може со тужба пред Управниот суд да бара бришење на запишаното од Катастарот на недвижности, во рок од три години од извршеното запишување“, стои во дописот од Агенцијата.
Никаде нема ни збор, а камо ли доказ, дека тие што добиле имотни листови обезбедиле изјави за согласност од УЈП и од Извршителот. Хипотеката е уште активна.
Ова е случај за Обвинителството, вели Билбиловски, бидејќи имотните листови на неколкумина од зградата број 46 на улица Јордан Мијалков, по сѐ изгледа се давани по принципот плати – земи.
Хипотеката е на земјиштето, а не на становите. Доверител е градежното претпријатие „Гранит“, кому инвеститорот не му го платил долгот, па во 2002 година му го дал земјиштето под хипотека.
Ако дојде до реализација на хипотеката (товарот), тие станари што имаат имотни листови за становите, се ослободени од товари. За останатите кои Скопски катастар ги одбивал неколку пати, и кои до денеска немаат имотни листови, има опасност за наплата на хипотеката. Иако сите се сопственици на становите во оваа зграда – дивоградба, едните може да си ги продадат становите, а тие што немаат имотни листови, не може ниту да ги имаат во полна сопственост, ниту да стопанисуваат со нив.