Специјалната обвинителка Катица Јанева е единствената висока државна институција со која ќе има средба американската помошник државна секретарка за европски и евроазиски прашања Викторија Нуланд, која в понеделник 11 јули ќе дојде во Скопје.
Како што неофицијално дознава САКАМДАКАЖАМ.МК, Нуланд в понеделник ќе се сретне само со Јанева и со лидерите на 4-те партии потписнички на Договорот од Пржино, но нема да се сретне ниту со премиерот Емил Димитриев ниту со претседателот Ѓорге Иванов.
Според соопштението на Стејт департментот Нуланд на средбите ќе разговара за потребата да се реши тековната политичка криза, за поддршката на Специјалното обвинителство, и за создавање услови за веродостојни избори.
Специјалното обвинителство (СЈО), кое досега покрена истрага за 5 случаи кои произлегоа од прислушуваните материјали, Титаник, Тврдина, ТНТ, Транспортер и Тортура, во текот на изминатииве 7 месеци се соочува со институционална блокада, особено од судиите и од Јавното обвинителство, како и со аболицијата што претседателот Иванов ја даде, па ја повлече на 56 осомничени високи политичари и нивни соработници.
Исто така, минатиот месец, во текот на една недела и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и експремиер и еден од осомничените Никола Груевски и Претседателот Иванов во говори до јавноста го нападнаа СЈО дека работи по налог на опозициската СДСМ.
Според последните анкети на јавното мислење над 60 отсто од испитаниците рекле дека имаат доверба во СЈО.
Американскиот амбасадор Џес Бејли денеска ја истакна помошта на САД за СЈО и изјави дека „дали Специјалното обвинителство ќе биде успешно во спроведувањето непречена, непристрасна и професионална истрага, со целосна поддршка од сите институции, е вистински тест за владеењето на правото во оваа земја“.
Бејли потсети дека тековната политичка криза во Македонија покрена обвинувања за злоупотреба на службената должност и можно криминално однесување, комбинирано со обвинувања за мешање на власта во судството и обвинителството. Како одговор на тоа, лидерите на 4-те најголеми партии во Македонија се согласија, а Парламентот едногласно го изгласа, формирањето на нова независна институција – Специјалното обвинителство.
„Со оглед на критичната улога што ја има за воспоставување правна отчетност, САД го подржува Специјалното обвинителство со обуки и помош, исто како што му помагавме на македонскиот судски систем, Јавното обвинителство и полицијата уште од почетоткот на независноста на Македонија. Овој ангажман ја одразува нашата длабока посветеност за владеење на правото и за да му помогнеме на народот во Македонија да ја реши тековната криза, да развие силни демократски институции, и да продолжи на патот за членство во ЕУ и НАТО. Оваа наша посветеност останува многу силна“, изјави Бејли.
Тој потсети дека во изминативе 15 години владата на САД придонела со над 55 милиони долари за да се развие капацитетот на македонските судови, судии, обвинители, правобранители и полицијата, за ги исполнат своите мандати професионално, транспарентно, ефикасно и со веродостојност. Над 600 судии, 300 јавни обвинители, 150 правобранители и над 2.000 полицски службеници имаат корист од оваа помош.
Посетата на Нуланд на Македонија е во рамките на турнејата во Југоисточна Европа, во чии рамки, покрај Македонија, таа ќе ги посети Грузија, Украина, Полска, Косово, Албанија, Србија и Кипар. Нуланд го придружува американскиот државен секретар Џон Кери, кој ќе ги посети Грузија, Украина и Полска.