КАТИЦА ЈАНЕВА ЗАДРЖАНА ВО КЛИНИКАТА „ЖАН МИТРЕВ“ ПОРАДИ ПРОБЛЕМИ СО СРЦЕТО

    КАТИЦА ЈАНЕВА ЗАДРЖАНА ВО КЛИНИКАТА „ЖАН МИТРЕВ“ ПОРАДИ ПРОБЛЕМИ СО СРЦЕТОПритворената Јанева на свој трошок е однесена во приватната клиника „Жан Митрев“ по избор на нејзиното семејство и ќе остане таму неколку дена. (Фото: СДК.МК)

    Поранешната Специјална обвинителка Катица Јанева, која е во притвор како второобвинета во случајот „Рекет“, денеска е задржана во клиниката „Жан Митрев“ по прегледот на одделот за кардиохирургија поради проблеми со срцето, велат од затворот во Шутка.

    Здравствените проблеми, велат одбраната и некои бивши колеги обвинители од СЈО, на Јанева ѝ биле од претходно, бидејќи на работа гледале кога ѝ се слошувало поради висок крвен притисок. Таа имала и една интервенција додека била Специјална обвинителка.

    Јанева не е во Хашкото одделение и е во обична ќелија со друга притвореничка, но одбраната вели дека таа воопшто не се пожалила на условите во кои престојувала во затворот во Шутка.

    Јанева е однесена во приватната клиника „Жан Митрев“ по избор на нејзиното семејство и таа ќе остане таму неколку дена.

    Трошоците за лечење на притворени лица во приватни клиники ги сноси осомниченото или обвинетото лице, тие не се на товар на Управата за извршување санкции, односно на затворските институции.

    За Јанева и за Бојан Јовановски-Боки 13 и Зоран Милески-Кичеец обвинителката Вилма Русковска денеска до Основниот кривичен суд поднесе обвинителен акт за случајот „Рекет“ за изнудување 1,5 милиони евра од бизнисменот Орце Камчев за тој да биде ослободен од обвинението во случајот на СЈО „Империја“. Јанева е второобвинета и се терети дека сторила кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“, а според обвинението, таа примила мебел во износ од 5.000 евра и пари во износ од 50.000 евра.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари