КАТИЦА ЌЕ ВЛЕГУВА ВО ТЕЛЕКОМ СО ПОМОШ НА ГЕРМАНСКИТЕ ДИРЕКТОРИ

    КАТИЦА ЌЕ ВЛЕГУВА ВО ТЕЛЕКОМ СО ПОМОШ НА ГЕРМАНСКИТЕ ДИРЕКТОРИСпецијалната обвинителка Катица Јанева на 19 октомври минатата година влезе во УБК за да изврши претрес и контрола на системите за следење на комуникации. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Специјалното јавно обвинителство пред први мај ќе има средба со осумтемина членови на Одборот на директори на македонскииот Телеком од Германија и Унгарија, откако и по четири обиди не доби судски налог за претрес во рамки на две истраги поврзано со масовното прислушување од 2008 до 2015 година, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК од извори во компанијата кои поради чувствителноста на случајот и затоа што не се овластени да зборуваат во јавност сакаат да останат анонимни.

    СЈО потврди дека откако се соочи со опструкции од претставниците на македонскиот државен капитал во компанијата и од судот кој измислува разни причини за да не даде налог за претрес сега бара согласност за пристап до податоците на операторот, во рамки на отворените истраги за масовно прислушување на граѓаните преку најголемиот телефонски и мобилен оператор во Македонија.

    Македонската компанија на Телеком, во кој Дојче Телеком има мнозинска сопственост преку унгарската компанија одбива да соработува и да ги достави до СЈО податоците кои писмено Катица Јанева ги има побарано веднаш по отварањето на истрагата за прислушувањето. За разлика од од овој телекомуникациски оператор во кој има и малцински пакет акции што ги контролира Владата на Република Македонија, другиот телекомуникацискиот оператор соработувал со специјалното јавно обвинителство, соопшти СЈО уште во ноември минатата година.

    Од СЈО потврдија дека побарале од Валтер Голдениц, Михаел Франк, Андреа Шаги, Петер Жом, Карој Швејнингер, Андреас Маиерхофер, Сузане Крогман и Атила Кесег, неизвршни и независни членови во Одборот на директори, да дадат согласност обвинителите да извршат претрес во компанијата и потврдија дека е договорен состанок со нив. Тие велат дека се одлучиле на ваков пристап откако Небојша Стајковиќ, Жарко Луковски, Владимир Здравев, ексминистерот за образование Панче Кралев и Александар Стојков, македонските членови на Одборот, неколку месеци одбиваат да потпишат таква согласност.

    Ова обвинителство се обидува да влезе во Телеком од 18. ноември лани, кога ја отвори истрагата „Таргет“ за масовно прислушување во Македонија, но Основниот суд Скопје 1 четири пати одбива да му даде судски налог за влез во компанијата.
    Стајковиќ заедно со ексдиректорот на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков е осомничен во случајот „Трезор“ што го отвори СЈО, за злоупотреби со набавка на опрема за прислушување во УБК. Мијалков е кум на Луковски, Здравев е поранешен претседавач од ВМРО-ДПМНЕ на Советот на општина Центар, а Кралев е поранешен министер во владата на експремиерот Никола Груевски. Стојков, пак, е доцент на Правниот факултет во Скопје, поранешен член на Советот на Народна банка на РМ и на Комисијата за хартии од вредност.

    Според досега објавените информации, СЈО во моментов има докази за околу 5.000 нелегално прислушувани телефони, што ги обезбеди на 19 октомври лани, кога со судски налог влезе во УБК за да изврши претрес и контрола на системите за следење на комуникации. Но, оваа бројка не кореспондира со дваесетина илјади прислушувани броеви што лидерот на опозицијата Зоран Заев ги предаде во СЈО , велат во обвинителството.

    Доказите со кои во овој момент располага СЈО упатуваат на основано сомнение дека преку системите за следење на комуникации во периодот 2008-2015 година незаконски била следена комуникацијата на најмалку 4286 телефонски броеви, за кои воопшто не биле издадени судски наредби за нивно следење, а уште 1541 телефони биле следени откако била завршена судската наредбата за прислушување. Притоа, незаконски биле следени и сите лица кои комуницирале со телефонските броеви кои биле таргет на незаконско прислушување во тој период. Се претпоставува дека се околу дваесетина илјади кои зборувале со прислушуваните, но точната бројка не се знае и токму затоа СЈО сака да влезе во Телеком.

    „Граѓаните биле масовно прислушувани без судски налог, доказите ги има во Телеком и ова обвинителство не се откажува од претрес во компанијата и наоѓањето на останатите докази потребни за истрагите „Таргет“ и „Тврдина“,велат во СЈО .

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира