КАТИЦА НЕ СМЕЕ ДА ЈА СНЕМА, И НА БОЛЕДУВАЊЕ МОРА ДА Е ДОСТАПНА

    КАТИЦА НЕ СМЕЕ ДА ЈА СНЕМА, И НА БОЛЕДУВАЊЕ МОРА ДА Е ДОСТАПНАОбвинителството, за разлика од судовите, работи 365 дена во годината. СЈО заврши со отворање нови истраги, но потребен е 24/7 специјален обвинител, кој ако се разболел, или го прекинува боледувањето, или и болен е достапен за да потпишува наредби за актуелните предмети на ова обвинителство. - Катица Јанева во Собранието (Фото: СДК.МК)

    Ако има судења и не се судовите на одмор, обвинителите од СЈО, кои официјално кажаа дека специјалната обвинителка Катица Јанева е на боледување и не знаат каде е во моментов, законски нема да може да ги застапуваат нејзините обвиненија. Ако некој од овие обвинители смета дека против осомничен или обвинет треба итно да се побара мерка притвор, нема да може да го сторат ни тоа, зашто тие, според Законот за Специјално јавно обвинителство, само ѝ помагаат на специјалната обвинителка Катица Јанева, а не се ни овластени потписници на обвиненијата, ниту се овластени сами во нејзино име да издаваат какви било наредби, да поднесуваат жалби пред повисоки судови, ни да одговараат на жалби. Тоа е разликата меѓу нив и обвинителите од Јавното обвинителство, оти тие можат да делуваат и самостојно.

    Обвинителствата работат 365 дена во годината. За нив не важи судската ферија. СЈО заврши со отворање нови истраги, но потребен е 24/7 специјален обвинител, кој ако се разболел, го прекинува боледувањето, или мора да е достапен и на боледување за да потпишува наредби. Потребен е и за тековните обвиненија односно судски процеси, но и за отворените истраги со многу осомничени.

    Никого од СЈО специјалниот обвинител не може да го овласти да ги врши функциите што со законот ги има само тој/таа, во негово/нејзино име да ги извршува. Тоа го регулира членот 9 став 3 од законот.

    Последната официјална изјава од обвинителите од СЈО, откако Јанева ја депонираше оставката и Бојан Јовановски – Боки 13 го притворија за рекет и тргување со влијание кај специјалната обвинителка Јанева, беше дека шефицата им е на боледување, но дека не знаат каде е. Не знае ни обвинителката за организиран криминал Вилма Рускоска, која се огради со тоа што Јанева сѐ уште не е во истрагата, туку само нејзиниот мобилен телефон.

    Но, Собранието треба да знае, вели Законот за Специјално јавно обвинителство. Собранието, односно четирите најголеми политички партии, по меѓусебен договор, со двотретинско мнозинство ја избраа Катица Јанева за Специјален обвинител. Потоа му ја предложи на Советот на јавни обвинители и тој ја потврди.

    „Сега Собранието треба итно да се состане, бидејќи државата е оставена без специјален обвинител, на која сѐ уште не и е истечен мандатот, и не и е потврдена оставката. Друг специјален обвинител нема, Катица Јанева е. Собранието треба да види, ако Јанева е толку болна, неа да ја разреши и итно да избере нов специјален обвинител, бидејќи институцијата не смее да биде обезглавена и нефункционална ниту ден“, вели кривичен правен експерт за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    На секојдневните прозивки Јанева не одговара ни со соопштение за нејзиното отсуство или барем да даде најава за враќање. Нема објаснување за тоа како функционира оваа моментално парализирана институција.

    Со новиот текст на Законот за Јавно обвинителство, СЈО се интегрира во постојното Обвинителство за организиран криминал и корупција. Предлогот на Владата неделава ќе влезе во собраниска процедура, но неизвесно е кога ќе биде усвоен.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира