КАТО СИСТЕМОТ СО КОЈ СЕ КОНТРОЛИРААТ ТЕРАПИИТЕ НА ОНКОЛОГИЈА Е ЗАКЛУЧЕН ВО БОЛНИЧКА СОБА, УШТЕ АНАЛИЗИРАМЕ ДАЛИ ЌЕ СЕ КОРИСТИ ИЛИ ЌЕ НАБАВИМЕ НОВ, РЕЧЕ МЕЏИТИ

    КАТО СИСТЕМОТ СО КОЈ СЕ КОНТРОЛИРААТ ТЕРАПИИТЕ НА ОНКОЛОГИЈА Е ЗАКЛУЧЕН ВО БОЛНИЧКА СОБА, УШТЕ АНАЛИЗИРАМЕ ДАЛИ ЌЕ СЕ КОРИСТИ ИЛИ ЌЕ НАБАВИМЕ НОВ, РЕЧЕ МЕЏИТИ„Сакам да ги уверам пациентите и јавноста, дека терапијата која се дава на Клиниката за онкологија е соодветна и ефикасна“, рече Меџити. (Фото: К. Попов)

    КАТО системот за контрола на терапиите на пациентите на Клиниката за онкологија и радиотерапија не е фрлен, ниту е во подрум, туку е во првичната просторија во склоп на клиничка аптека и таа соба е заклучена, кажа денеска министерот за здравство Фатмир Меџити. Системот вреден повеќе од 350 илјади евра е купен во 2017 година.

    Меџити, заедно со в. д. директорката д-р Виолета Клисаровска и организацискиот директор Хаљид Матоши одржаа прес-конференција, откако Јавното обвинителство во петокот отвори предистражна постапка за криминална бизнис-мрежа за препродавање скапа биолошка терапија за лекување на болните од рак на клиниката.

    „Веќе неколку месеци пред овој случај да излезе во јавност, се прават финасиски анализи дали КАТО системот да се врати во функција или да се обезбеди нов систем за контрола на терапијата. Веќе имаме остварено неколку состаноци и со новиот ребаланс на буџетот предвидуваме обезбедување на систем кој долгорочно ќе ги спречи евентуалните злоупотреби во иднина“, кажа министерот Меџити.

    „Слободен печат“ објави дека „Системот КАТО требало да стави крај на рачниот систем на дозирање, а идејата била да се спречи губење на дозите, да се обезбеди прецизно дозирање без грешка и безбедно чување на цитостатиците. Со КАТО било невозможно да се украде цитостатик или да се намали нечија доза, ни поради кражба ни поради грешка. Но, по само шест месеци откако е набавен овој систем, во 2017 година, новиот директор Нино Васев го исфрлил од употреба“.

    Меџити и д-р Клисаровска неколку пати повторија дека откако се тие двајцата на функција (шест месеци тој и неполна година таа, н. з. ), сменети се протоколите за работа на Клиниката и дека за сè што се случувало претходно, треба да кажат претходните раководства.

    „Овој случај мора да биде целосно расчистен во најкус рок. Го разбирам гневот и фрустрацијата што овој сè уште до крај неистражен случај ја предизвика кај нашите граѓани, особено кај оние директно погодени од канцерогените. Министерството тесно ќе соработува со органите на прогонот и судството за да се обезбеди темелна и непристрасна истрага. Никој од здравствениот систем нема и не смее на ниеден начин да се обиде да ги заштити престапниците. Будно ќе го следиме процесот, и доколку поединци во здравствениот систем се обидат да ја манипулираат истрагата, остро ќе реагираме“, рече Меџити и додаде:

    „Дополнително, ги охрабруваме сите здруженија на пациенти со карцином, поединци или групи, кои може да помогнат во оваа истрага да не контактираат нас и институциите на прогонот. Сакам да ги уверам пациентите и јавноста, дека терапијата која се дава на Клиниката за онкологија е соодветна и ефикасна. Замолувам да не се прави генерализирање и напади на целиот персонал на Клиниката, кој во најголем дел стручно и совесно ја врши својата работа. Нарушување на довербата кај пациентите кои во моментов се лечат е неодговорно и опасно“, рече министерот.

    Поради откриениот криминал на Онкологија, денеска во 18 часот пред Владата е закажан граѓански протест.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира