ЌЕ БИДЕ НЕДОМАЌИНСКИ И ДУШМАНСКИ ДА ГО РАСКИНАМ ДОГОВОРОТ СО „БЕХТЕЛ И ЕНКА“ ЗА АВТОПАТИТЕ, РЕЧЕ МИНИСТЕРОТ НИКОЛОСКИ

    ЌЕ БИДЕ НЕДОМАЌИНСКИ И ДУШМАНСКИ ДА ГО РАСКИНАМ ДОГОВОРОТ СО „БЕХТЕЛ И ЕНКА“ ЗА АВТОПАТИТЕ, РЕЧЕ МИНИСТЕРОТ НИКОЛОСКИНема да може ниту да се објави договорот кој беше потпишан од претходната влада во мај лани бидејќи е класифициран како државна тајна. (Фото: Влада на РСМ)

    Владата на ВМРО-ДПМНЕ нема да го раскине договорот со фирмата „Бехтел и Енка“ за изградба на четирите автопати вреден 1,3 милијарди евра, кој додека беа опозиција остро го критикуваа. Министерот за транспорт и врски Александар Николоски денеска изјави дека тоа би било недомаќинскин однос кон буџетот, бидејќи изведувачот може да тужи.

    „Mислам дека ќе биде недомаќински и душмански однос кон Буџетот ако јас сега го прекинам договорот, а тие средства веќе се кај изведувачот и не можат да се вратат. Изведувачот може да тужи и да побара арбитража и да платиме уште толку и да отидат половина милијарда евра средства на македонските граѓани, а да немаме ниту километар автопат. Тоа што мислам дека е правилен пристап, е да се бориме за да добиеме што повеќе километри автопат и што побрзо изграден во Македонија“, рече Николоски одговарајќи на новинарско прашање по трибината „Развојот како услов за опстанок на македонското градежништво“ на Градежниот факултет.

    Нема да може ниту да се објави договорот кој беше потпишан од претходната влада во мај лани, бидејќи е класифициран како државна тајна.

    „Сметам дека треба тој да се декласифицира, но за тоа потребна е согласност од двете страни и јас се надевам дека и другата страна ќе даде согласт. Она што е побитно е што Македонија може да добие од тој договор. Во рамките на договорот, Македонија може да добие многу повеќе километри автопат од тоа што е потпишано и тоа ќе биде нашата главна битка да добиеме повеќе километри автопат во рамките на истата сума“, изјави Николоски, додавајќи дека досега од претходната влада на СДСМ и ДУИ се исплатени 240 милиони евра на изведувачот за таканаречени подготвителни работи.

    Владата лани, кога премиер беше Димитар Ковачевски, потпиша договор со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ за изградба на четири автопатски делници во должина од 110 километри на коридорите 8 и 10д. Изградбата ќе чини 1,3 милијарди евра и треба да трае пет години. Станува збор за автопатски делници: Требеништа-Струга-Ќафасан (22 километри), Гостивар-Букојчани (30 километри), Тетово-Гостивар (17 километри) и Прилеп-,Битола (40 километри).

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира