ЌЕ ДОКАЖАМ ДЕКА ГРУЕВСКИ Е НЕВИН, РЕЧЕ АДВОКАТКАТА ШТО МУ ЈА ДОДЕЛИ СУДОТ, ПО ВОВЕДНИТЕ ЗБОРОВИ НА ЛЕНЧЕ РИСТОСКА ЗА ПЕРЕЊЕ 4,6 МИЛИОНИ ЕВРА СО ЛАЖНИ УПЛАТНИЦИ

    ЌЕ ДОКАЖАМ ДЕКА ГРУЕВСКИ Е НЕВИН, РЕЧЕ АДВОКАТКАТА ШТО МУ ЈА ДОДЕЛИ СУДОТ, ПО ВОВЕДНИТЕ ЗБОРОВИ НА ЛЕНЧЕ РИСТОСКА ЗА ПЕРЕЊЕ 4,6 МИЛИОНИ ЕВРА СО ЛАЖНИ УПЛАТНИЦИДенеска и официјално, по една година безуспешни обиди, почна судскиот процес „Талир“ во кој во отсуство му се суди на првообвинетиот Никола Груевски. (Фото: СДК.МК)

    Од 839 сведоци колку што предложија адвокатите на Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Илија Димовски и Леко Ристовски судискиот совет во Основниот суд Скопје 1 воден од судијата Осман Шабани, прифати помалку од половина. Шабани кажа дека сведоците се одбиваат зашто се предложени на исти околности, со цел да се одолговлечи судењето.

    Со ова денеска и официјално, по една година безуспешни обиди, почна судскиот процес „Талир“ во кој во отсуство му се суди на првообвинетиот Никола Груевски.

    Обвинителката Ленче Ристоска воведните зборови ги почна со азилантот во Унгарија Никола Груевски, за кого рече дека во периодот од 1.01.2009 до 31.12.2015 година, со намера за ВМРО-ДПМНЕ да стекне предност пред политичката конкуренција овозможил нелегално финансирање на партијата во вкупен и износ од 4,5 милиони евра, злоупотребувајќи ја функцијата премиер на Македонија.

    Груевски е обвинет за сторено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување, Перење пари и други приноси од казниво дело, лицата Кирил Божиновски и Миле Јанакиевски за Злоупотреба на службената положба и овластување и Перење пари и други приноси од казниво дело. Лицата Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска за сторено кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело и правното лице политичка партија – ВМРО-ДПМНЕ за сторено кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело.

    Чингаровска призна вина и доби условна казна.

    Избеганиот експремиер со злоупотреба на службената положба, спротивно на Законот за финансирање на политички партии и Законот за спречување на корупција, обезбедувал финансии од анонимни и противправни извори на финансирање за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Во овие свои активности, според СЈО, бил помогнат од обвинетите Кирил Божиновски и Миле Јанакиевски кои во насока на обезбедување на средства за извршување на кривичното дело, вршеле притисок на претставници на компании од Битола, Кавадарци, Скопје…, кои имале склучено договори за јавни набавки со државни органи, јавни претпријатија или единици на локална самоуправа тие да обезбедат финансиски средства во готовина за потребите на финансирање на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ како противуслуга за добиените јавни набавки и профитот што го реализирале.

    Обезбедените финансиски средства во готовина, рече Ристоска, обвинетиот Груевски не ги вратил на лицата што ги дале средствата, односно не ги упатил во Буџетот на РМ, како што имал обврска да стори согласно Законот за финансирање на политички партии. Така прибавил незаконски средства за финансирање на ВМРО ДПМНЕ во износ од најмалку 283.432.656,00 денари, односно 4.608.661 евра. Со цел да се прикрие дека ваквите средства потекнувале од кривично дело, обвинетите Никола Груевски и Кирил Божиновски, а во периодот од 2011 до 2015 година и обвинетите Миле Јанакиевски и Елизабета Чингароска, организирале средствата да бидат уплатени на жиро сметката на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ преку готовински уплати во кои биле внесени невистинити податоци дека уплатата ја вршат лицата наведени во уплатниците, иако тоа не било случај.

    Откако паричните средства кои потекнувале од кривично дело биле внесени на жиро сметката на ВМРО-ДПМНЕ обвинетите Илија Димовски, Елизабета Чингароска, Леко Ристоски и Миле Јанакиески, како овластени потписници на сметката на политичката партија иако знаеле дека парите потекнуваат од кривично дело, ги пуштиле во натамошен оптек со потпишување на налози за плаќање на обврските и купување на недвижен имот за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.

    Ристоска кажа дека сите овие нејзини наводи ќе ги докаже со документи, уплатници и изјави на сведоци. Предвид се зема и признанието вина на една од обвинетите.

    Избеганиот Груевски не го застапуваат неговите поранешни адвокати, туку адвокатка по службена должност. Неговите адвокати се присутни, но се за воведни зборови за Божиновски, Јанакиески, Димовски и Ристовски.

    Службената адвокатка што му ја одреди судот на Груевски во воведните зборови рече дека ќе го ослободи од вина.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира