Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вели дека го почитува Преспанскиот договор меѓу Македонија и Грција и не смета дека го прекршила. Таа вечерва, при учество на настан по повод 20- годишнината од постоењето на Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП), одговарајќи на новинарско прашање рече дека и во иднина ќе го почитува Преспанскиот договор оти тој е реалност.
„Впрочем, и во самиот Преспански договор јасно стои дека во документите, во комуникацијата ќе се употребува името од Преспанскиот договор. Значи, јас не гледам дека тука тоа е повреда. Јас ниту ја искинав изјавата, ниту реков дека нема да го почитувам Уставот, ниту реков ќе го раскинувам Преспанскиот договор. Едно е што јас сум го критикувала Преспанскиот договор, заради постапката на донесувањето, заради неусогласеноста со Повелбата на Обединетите нации. Но, тоа е правен факт, тоа е реалност. И јас ќе ја почитувам“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката Сиљановска-Давкова при давањето на свечена заклетва во Собранието на 12 мај не го употреби уставното име на земјава Република Северна Македонија туку рече само Македонија, поради што грчката амабасадорка Софија Филипиду ја напушти салата. Таа потоа ја потпиша свечената изјава на која пишува Република Северна Македонија.
Следниот ден, во соопштение од нејзиниот кабинет кажаа дека таа свечената заклетва ја потпиша со уставното име на земјава, дека претседателката ќе се придржува до официјалната примена на уставното име, но дека има право да го употребува името Македонија во своите јавни настапи, како чин на лично право на самоопределување и самоидентификација.
На 16 мај, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и иден мандатар за состав на Влада Христијан Мицкоски изјави дека Преспанскиот договор е дел од македонските институции, Уставот и законите, но дека негово основно човеково право е како ќе ја нарекува државата. Тој рече дека кога ќе дава изјави ќе го користи терминот Македонија, а истото го очекува и од претседателката Сиљановска-Давкова. Мицкоски смета дека на тој начин не се прекршува Договорот од Преспа.
На 17 мај, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис кажа дека ако Македонија го прекршува Преспанскиот договор ќе бидат загрозени амбициите на земјата за членство во ЕУ и дека трите меморандуми за соработка поврзани со Преспанскиот договор нема да бидат ратификувани во грчкиот парламент ако новата влада не го почитува договорот.
Двете земји на 17 јуни 2018 во Нивици, Преспа го потпишаа Преспанскиот договор, со кој се реши 30-годишниот спор за името со Грција. Македонија доби ново уставно име, Северна Македонија, и беше примена за 30-та членка на НАТО.