ЌЕ ИМА И ЗАТВОРСКИ КАЗНИ ЗА ОНИЕ КОИ НЕ ПОЧИТУВААТ САМОИЗОЛАЦИЈА, НАЈАВИ СПАСОВСКИ ПО ВОВЕДУВАЊЕТО НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

    ЌЕ ИМА И ЗАТВОРСКИ КАЗНИ ЗА ОНИЕ КОИ НЕ ПОЧИТУВААТ САМОИЗОЛАЦИЈА, НАЈАВИ СПАСОВСКИ ПО ВОВЕДУВАЊЕТО НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБАПремиерот Спасовски кажа дека однапред не е ништо дефининирано и што ќе се случува во вонредна состојба ќе зависи од поведението на граѓаните. - Оливер Спасовки на денешната владина седница (Фото: Влада)

    Премиерот Оливер Спасовски најави поригорозни казни за лицата кои потпишале изјава дека ќе останат во самоизолација, а потоа не ја почитуваат. Досега, за таквите дела се изрекуваа парични казни, а Спасовски кажа дека ќе има и затворски казни, откако претседателот Стево Пендаровски прогласи вонредна состојба. Во услови на вонредна состојба, Владата може да менува закони.

    „Секако дека тоа ќе значи и поригорозни казни, но и поголема ефикасност во вршење на контролите. Полицијата и инспекциите ќе бидат максимално ангажирани на терен. Не само парични казни, ќе има и затворски казни за оние кои нема да ги почитуваат изјавите за самоизолација“, кажа Спасовски попладнево, објаснувајќи што значи воведувањето вонредна состојба, на владиниот канал на Јутјуб.

    Со воведувањето на вонредна состојба, вели Спасовски, Владата може да променува одредени законски решенија со цел да бидат во функција на справување со коронавирусот.

    „Порестриктивни мерки можат да бидат преземени дополнителни во однос на граѓаните, како ограничување на одредено движење, ограничување на собири имаме и сега, а може ограничувањата да се прошират и на извршување одредена работа, сè што ќе биде проценето во функција на подобрување на состојбата со коронавирусот“, кажа Спасовски.

    Премиерот најави нови мерки уште утре, кога, како што кажа, ќе разговараат на владина седница.

    „Но тоа не значи дека животот нема да тече нормално. Тоа не значи дека граѓаните треба да одат во маркети и да купуваат прехранбени производи. Тоа само значи дека треба да се почитуваат мерките“, додаде тој.

    Претходно денеска, на прес-конференцијата на која побара од претседателот Пендаровски да воведе вонредна состојба, Спасовски кажа дека што ќе се случува во вонредна состојба ќе зависи од поведението на граѓаните.

    „Однапред ништо не е дефинирано, дека ќе имам полициски час или слично. Тоа ќе зависи од тоа како ќе се однесуваат граѓаните“, изјави Спасовски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира