ЌЕ ИМА РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ВЛАДАТА ПО ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ, ДУИ ОСТАНУВА ВО ОПОЗИЦИЈА, РЕЧЕ МИЦКОСКИ

    ЌЕ ИМА РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ВЛАДАТА ПО ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ, ДУИ ОСТАНУВА ВО ОПОЗИЦИЈА, РЕЧЕ МИЦКОСКИМицкоски рече дека фукционерите кои ќе ги опфати реконструкцијата не се лоши, туку Владата има потреба од динамичен капацитет. (Фото: К. Попов)

    Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска најави дека по Локалните избори ќе има реконструкција на Владата. Рече дека фукционерите кои ќе ги опфати реконструкцијата не се лоши, туку Владата има потреба од динамичен капацитет. Премиерот рече и дека нема да го менува владиниот коалиционен партнер од албанскиот блок, и оти ДУИ уште долго време ќе остане во опозиција зашто без ниту една научена лекција нема да се врати на власт.

    „Веднаш после овие избори ќе ги отвориме вратите на партијата за нови смени и за нови луѓе, и во Владата ќе има реконструкција и подобрување и поголема динамика на капацитетите. Веќе добро знаеме како може уште посилно и похрабро со зголемени потенцијали. Тоа не значи дека луѓето кои ќе бидат заменети биле лоши или немарни, но на Владата секогаш и треба подинамичен капацитет, уште посилно темпо за промените кои ги правиме“, рече Мицкоски на отворањето на партискиот настан на ВМРО-ДПМНЕ, наречен „Саем на градоначалници – 4 години работа за тебе“.

    Тој го повтори ставот дека преку бројни независни кандидати за градоначални и советници, опозициските СДСМ и ДУИ спремале саботажа на локалните избори. Смета дека таквото сценарио двете партии меѓусебно го координирале, а целта им била да се попречи демократијата и да се збуни гласачкото тело.

    „Со инфлација од независни кандидатури и фантомски листи сакаат намерно да го урнат изборниот процес, да го збунат гласачот, да ја изиграат демократијата и да ја заматат чистата слика на нивниот историски пораз кој што доаѓа. Но зад оваа игра не стојат само партиските штабови. Во таа намера, длабоката држава на СДСМ и ДУИ – нивните луѓе распределени во судството, во изборната комисија, во институциите – денес се во коалиција. Коалиција за да го спречи поразот што ќе им го донесе ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на локалните избори. Ова се добро познати работи на кои сме навикнати од нив. Тоа се нивните матрици – манипулација, подметнувања, измами“, кажа Мицкоски на предизборнот партиски настан.

    На 21 август, Мицкоски изјави дека е можно локалните избори да бидат неуспешни поради можноста граѓански листи да се поднесуваат само со два потписа, откако Државната изборна комисија (ДИК) донесе Правилник за регулирање на постапка за собирање потписи за поддршка на кандидатски листи поднесени од група избирачи. Но, ако тоа се случи, кажа Мицкоски, Владата ќе именува владини повереници во Општините.

    Државната изборна комисија на 17 август донесе Правилник со кој на изборите граѓанските иницијативи можат да учествуваат со собрани два потписа. Овој Правилник се донесе поради тоа што не постои законска регулатива за листи од група избирачи, откако Собранието не успеа да ги донесе измените на Изборниот законик со кои требаше да се утврди бројот на потребни потписи. Претходно, во мај годинава, Уставниот суд ги укина членовите 17 и 18 од измените во Изборниот законик донесени на 7 март 2024, со кои партиите од власта и опозицијата здружено го зголемија прагот за потребни потписи на 1 отсто од регистрираното гласачко тело во изборна единица.

    Првиот круг на Локалните избори ќе се одржи на 19 октомври, а вториот круг на 2 ноември.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира